Македонија
7. November 2015 - 9:30

Симфониски концерт за деца на Македонската филхармонија

Македонската филхармонија денеска ќе го одржи првиот симфониски концерт за деца во новата концертна сезона. Концертот носи наслов „Имате ли ритам?“, а ќе биде изведен под палката на маестро Борјан Цанев.

Аниматор и овој пат ќе биде миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе најмладите во тајните на ритамот и неговата разновидност.

Децата ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс - дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља. Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија..., а Јорданоски низ игра и хумор ќе се обиде да ги анимира децата „свирејќи“ на разно-разни предмети докажувајќи дека ритамот го има насекаде околу нас.

Овој пат посебно ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат и едно изненадување.