Свет
8. October 2016 - 8:51

Силен ветер принуди авион да го повтори слетувањето во Прага

На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како авион од типот Боинг 737 неуспешно се обидува да слета на прашкиот аеродром ,,Вацлав Хавел" и малку удира во земјата со еден дел од трупот. 

Најверојатно лошото време, силен ветер, била причината поради која пилотот успешно слета на пистата дури во вториот обид.

Според достапните информации, на драматичната снимка е авион на шпанската авиолинија кој летал од Италија, а слетувањето се случувало околу 16.00 часот, јави дописникот на МИА од Прага.

- Во случај на кризно слетување, пилотот може да побара асистенција од аеродромот, но во овој случај никој не не контактирал, изјави портпаролката на прашкиот аеродром Марика Јаноушкова, која оцени дека ситуацијата била под контрола.