Свет
23. September 2015 - 8:51

Си Џинпинг: Кина се залага за финансиски реформи и отворена економија

Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека властите во Пекинг се залагаат за финансиски реформи и отворена економија, јави ТАСС.

- Кина нема да се врати назад во тој процес, изјави тој на собир во Сиетл, во американската сојузна држава Вашингтон, организиран од Националниот комитет за американско-кинеските односи и Американско-кинескиот деловен совет. 

- Наш првостепен приоритет е постепен развој, целта ни е да обезбедиме благостостојба за народот, нагласи тој. 

Си увери дека Пекинг има доволно решителност за да се движи напред по патот на реформите и призна дека во таа област има тешкотии и оти треба да се издржи голем притисок.

Кинескиот претседател говореше и за спорните прашања со САД во однос на владеењето на правото и обезбедувањето во Кина на еднакви услови за конкуренција за локалните и западните компании.

- Кина го почитува принципот на недискриминација во бизнисот и ги стимулира странските инвеститори да работат во Кина, изјави тој.