Македонија
19. February 2018 - 16:27

Што навистина се случувало на Кајмакчалан? Фотографии кои сведочат за моментите пред трагедијата

Трагедијата во која загинаа двајцата планинари Калина и Александар на Кајмакчалан се уште не е истражена од грчката полиција. Македонското МВР е во исчекување на извештајот повеќе од една недела. Весникот Нова Македонија објави последната фотографија која Калина ја направила со својот мобилен телефон и тоа од црквата на врвот на Кајмакчалан. Од оваа фотографија едвај се гледа објектот од  маглата и снегот. Калина и Александар се искачиле до врвот а според фотографиите тие се потпишале и во книгата на впечатоци во олтарот на црквата. Понатаму, што се случувало останува нејасно. Според весникот, местото каде се лоцирани мобилните телефони на двајцата планинари е на само неколку метри од црквата. Во текстот се потенцираат неколку апсурди кои произлегуваат од извештајот на Трансверзалец. Токму затоа весникот најави дека специјализирана екипа на новинари во следните денови професионално ќе го  истражува случајот и сите материјали што ќе добијат ќе ги достават до надлежните со цел расветлување на случајот. Во анализата и извештајот на Федерацијата се тврди дека постоеле двајца водачи односно дека едната група планинари била предводена од Калина Велевска, но според Нова Македонија, таа не можела да биде водач бидејќи лиценцата ја добила пред неколку недели претходно и тоа за летни услови а во групата имало 28 поискусни планинари. Според изјавата на единствениот водач таа одела последна да ги турка другите да ги забрзува, а тоа добро го знае и водичот бидејќи тоа се негови зборови во неформален разговор поврзан со настанот непосредно по инцидентот. Според друг директно инволвиран учесник, таа својот статус на само обичен учесник во акцијата го потврдила со уплаќање на 2200 денари во автобус на единствениот водач. Аспурдно според весникот е што во извештајот од Трансверзалец, стои дека само 20 проценти од планинарите биле релативно добро опремени за такви услови иако се гледаше и од видеото објавено на социјалните мрежи, дека учесниците се со тенка, неводоотпорна облека.  

Овој апсурд е поврзан со точката 7 од извештајот, каде што е утврдено дека средствата за радиоврска (воки-токи) биле две, едното на чело на колоната, кај водичот и второ на крајот на колоната, според извештајот, токму кај Александар, кој и воспоставил „радиоконтакт помеѓу водачот Зоран и Александар“. Имено, на крајот на колоната се наоѓале Калина и Александар. Вака утврдениот факт го побива претходното тврдење дека таа ја предводела групата и сам по себе го прави извештајот противречен.

Во натамошната анализа на весникот стои дека според Трансверзалец потфрлиле и во начинот на кој постапиле откако увиделе дека Калина и Александар ги нема. Наместо да пријавеле во службата за потрага и спасување, тие навеле во извештајот дека во 13 часот ја алармирале спасувачката служба за помош на скијачи во ски центарот. И покрај тоа што се наведува дека со двајцата планинари одржувале телефонски контакт се до 19 часот, не објаснуваат натаму што се случувало.

Од основното јавно обвинителство велат го чекаат извештајот по што ќе одлучат како ќе постапат.