Македонија
4. November 2015 - 19:06

Што ќе се договори, доколку се постигне договор викендов

Советот на јавни обвинители ја тргна се чини најголемата пречка за договор меѓу политичките партии. По денешната седница, тимот на Јанева е комплетиран откако обвинителката достави скратен список со предлози за свои помошници на кои наместо дополнителни  7 се реши за нови петмина.

Гаврил Бубевски, Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро од скопското обвинителство и Лиле Стефанова од обвинителството за организиран криминал ќе го дополнат специјалното обвинителство
 

Сега Јанева ги има сите услови за да почне со работа откако Собранието и го одобри буџетот а Владата и обезбеди и работни простории.

Со тоа, исполнет е условот кој СДСМ го постави за донесување на изборниот законик кој партиите го договорија уште минатиот месец.

По ова останува партиите уште да ги финализираат останатите отворени прашања пред се поврзани со законот за влада и ингеренциите на замениците министри.

Сител вчера објави дека партиите веќе се пред договор по ова прашање а замениците министри ќе имаат право на вето но преку државната изборна комисија. За одлуките на министрите со кои не се согласуваат, замениците ќе можат да ја известат Државната изборна комисија која во најкраток рок ќе треба да излезе со конечен став, дали одлуката на министерот е во спротивност со изборните регулативи.

Новиот министер за внатрешни работи ќе има право да направи одредени кадровски промени во својот ресор, но на секоја позиција каде што ќе назначи свој кадар, заменик министерот ќе има право да назначи негов заменик. Па така секој нов началник кој би бил именуван од новиот министер, може да добие свој заменик именуван од заменик министерот.

Партиите се согласиле и околу законот за свиркачите и законското решение за бомбите. Според неофицијалните информации, на медиумите ќе им биде забрането да објавуваат незаконски стекнати прислушувани материјали освен за личности кои се избрани функционери на јавни функции и функционери на политички партии.

Во вакви околности времето кога партиите ќе го стават својот потпис на конечниот договор се мери во денови, а можеби и часови.

Политичките партии официјално не коментираат детали но не го кријат ниту оптимизмот дека меѓупартиските преговори се пред самиот крај.