Македонија
7. December 2017 - 16:25

Што ќе донесат разговорите во Брисел- Заев најавува посета на Атина но покана се уште се чека

 

На почетокот на новата година планирам да ја посетам Атина и да се сретнам со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, со претседателот на Република Грција и со грчки пратеници, објави премиерот Заев за грчката државна новинска агенција.

Меѓутоа, од владата велат дека покана од грчкиот премиер Алексис Ципрас не е официјално пристигната. Од кабинетот на Заев за Сител велат дека тимови од двете влади работат на подготовка на таква посета и на упатувањето официјална покана до македонскиот премиер.

Дали Заев ќе успее да се сретне и со Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, кој упорно одбива средби со македонскиот државен врв, меѓу кои и неговиот хомолог, Претседателот Иванов, ќе покаже агендата што треба да ја договорат двете влади.

Инаку, Заев на грчката агенција изјави дека бара поддршка од целото грчко општество за решавање на спорот за името.

,,Нашата позиција е следната: бараме поддршка и помош од грчките граѓани и секако преку институциите, од грчката влада, од опозицијата и од грчкиот парламент. Имаме предвид дека прашањето за името е чувствителна тема и не е воопшто лесно ниту за грчките политичари. Сепак, сакаме да се обидеме меѓусебно да се разбереме и да охрабриме изнаоѓање решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни. Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Таков е компромисот. Но, верувам дека како политичари, можеме да добиеме повеќе, ако имаме храброст да најдеме решение и да донесеме одлука, отколку да го одложуваме, како што беше случај во минатото‘‘, изјави премиерот.

Евентуалната посета на Заев на Атина би се случила по одржувањето на новата рунда разговори за името, што во понеделник и вторник ќе се одржи во Брисел. Освен медијаторот Нимиц во преговорите ќе учествуваат Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, засилени со лица од министерствата за надворешни работи на двете земји. 

Сепак, првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, смета дека Нимиц на средбата во Брисел нема да понуди нов предлог за името.

,,Мислам дека е прерано или премногу сугестивно и амбициозно, дека Нимиц ќе изнесе конкретен предлог кој ќе биде веднаш соопштен. Повеќе размислувам за одредени разговори во насока „да се почувствува пулсот“. Климата и во двете земји на внатрешен план не соодветствува за пријатен простор за соопштување на одредени предлози кои би биле веднаш нападнати од „дежурните патриоти“ кои ги има во двете земји‘‘, вели амбасадорот Арсовски за МИА.