Македонија
21. July 2017 - 19:43

Штипските текстилци добиваат само една недела годишен одмор, Заев побара газдите да го почитуваат законот

Со намера од 1-ви септември да биде  покачена минималната плата на 12 000 денари, премиерот Зоран Заев денеска во посета на две штипски конфекции за одблизу да се запознае со ставовите по ова прашање на работниците и стопанствениците. Заев смета дека има услови за донесување на едно вакво решение, кое нуди и други перспективи.

Покачувањето на минималната плата на 12 000 денари ја отвора спиралата за покачување и на севкупните плати во Р. Македонија. Секако, првиот таргет е текстилната и кожарската индустрија како нај ниско платени индустрии-изјави Зоран Заев, премиер на Влада на Р.М.

За оваа мерка Владата преку буџетот ќе обезбеди 1,5 милиони евра месечно со кои ќе се субвенционираат работодавачите во првата година од донесувањето на законското решение. Од друга страна Заев најави и нови пакет мерки за ослободување од персонален и данок на добивка за greenfield инвестиции и за домашните и за странските инвеститори.

-Најдоцна до крајот на август и почетокот на септември ќе објавиме мениа за нови greenfield инвестиции кои што ќе значат пред се работни места-додаде Заев

Премиерот генерално е задоволен од условите за работа и почитувањето на работно време, но има забелешка за времетраењето на колективните одмори.

-Во текот на летото само една недела годишен одмор е малку. Треба да овозможат во договор со работниците и организирање на смените за да не трпи производството, да ги пуштат вработените-изјави Заев

Владата ќе финансира бесплатно летување на база ноќевања со појадок за 35 000 најниско платени работници, од што бенефит ќе имаат и домашните туристички капацитети.