Македонија
22. November 2017 - 18:18

Штипскиот универзитет со серија на настани им ја приближува науката на студентите

Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) -Штип од денеска почна со серија на настани насловени „Наука за живот“. Проректорот на УГД-Штип, Кирил Барбареев вели дека целта е да им се проближи науката на студентите преку научно-популарни предавања од страна на универзитетски професори од земјава и странство, како и од членови на МАНУ.

Студентите ги слушнаа предавањата кои беа презентирани на едноставен начин, низ примери од областа на геологијата, астрофизиката, медицината, правото, образованието, а се со цел да знаат повеќе за науката.

- Покрај излагањата поврзани со Филозофија на правото се зборува и за климатските промени и за она кое што секојдневно се зборува за загадувањето воздухот, каде се движи светот, што се случува со дигитализацијата и образовните политики во светот. Што се случува со луѓе, личности кои што направиле многу, а никој не ги препознал, а веќе нивните дела биле реализирани преку некои други личности. Така да идејата е да на поедноставен начин во еден пократок временски период од 10 до 15 минути се споделат такви информации, вели Брабареев.

Ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев пред студентите говореше за климтаските промени, геологијата, но и за тоа дека научниците се уште ја бараат уште едната ѕвезда во нашиот сончев систем, која е темна и се нарекува црвеното џуџе, а која на планетите од нашиот сончев систем им прави проблеми на секои 27 милиони години.

- Најголемиот предзвик во науката е токму барањето на црвеното џуџе, каде се наоѓа тоа. Истражувањата денеска кои се направени во сончевиот систем, позади Плутон укажуваат нестабилност на движењето на тие планети укажуваат дека постои некоја друга маса некаде, која што неможеме да ја видиме, а која прави огромни проблеми во сончевиот систем на секои 27 милиони години. Најзначајната наука која денеска се развива е астрофизиката, рече Боев.

Научно-популарни предавања денеска имаа универзитетските професори, Владо Камбовски, Рубин Гулабовски, Трајче Стафилов и Кирил Барбареев.

Штипскиот универзитет за вториот настан во рамките на „Наука за живот“ веќе ги има покането и договорено универзитетскиот професор Венко Андоновски, потоа актерот Никола Ристановски и други познати професори од земјава и странство. Модератор на настанот беше Бубо Каров.