Македонија
23. May 2017 - 13:38

Штипски „Исар“ ќе инвестира во бањата „Кежовица“

Штипското комунално претпријатие „Исар“ годинава ќе има нови инвестиции во Градската бања „Кежовица“ и холтикултурно ќе го уреди просторот околу неа, најави директорот на ЈП „Исар“-Штип, Ангел Бојаџиев.

Како што истакна на денешната прес-конференција, во кругот на бањата ќе се направи и нова фонтана, а ќе се воведат и нови услуги за граѓаните и туристите кои ја посетуваат Градската бања „Кежовица“.

- Овде ќе биде воведена и физикална терапија, односно ќе имаме воведено и масажа за самите гости, а во наредна фаза во самата бања ќе имаме и еден отворен базен, кој ќе биде со геотермални води. Работиме на еден проект со Република Бугарија за правење на мали базенчиња на ридот покрај бањата, кои ќе бидат оградени и кои ќе бидат како едно интимно катче за сите граѓани на Штип и пошироко, рече Бојаџиев.

Раководителот на Градска бања „Кежовица“, Трајче Јанев посочи дека со реновирањето на просторот за сместување на туристи, капацитетот им е исполнет во текот на летниот период, а имаат гости од балканските земји, но и од далечниот исток.

- Ние бележиме посетеност на бањата околу 70.000 посетители годишно. Што се однесува до гостите и сместувачките капацитети, нашите капацитетите во текот на летото се полни и оваа година забележуваме гости од далечниот исток, вели Јанев.

Како што истакна Бојаџиев, во изминатите четири години во бањата Кежовица се реновирани тушевите и инсталацијата, а дограден е и сместувачкиот капацитет.