Македонија
16. December 2017 - 11:37

Штипска Клиничка болница ќе бара европски пари за реконструкција на Инфективното одделение

Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР) и Клиничка болница-Штип ќе бараат европски пари за реконструкција и адаптација на зградата на регионалното Инфективно одделение. Директорката на Центарот за развој на ИПР, Драгица Здравева вели дека Клиничка болница-Штип со овој проект ќе аплицираат на вториот повик од Програмата за Меѓугранична соработка со Бугарија, кој се очекува да биде објавен кон крајот на следниот месец.

- Оваа зграда нема да биде во рамките на новата Клиничка болница, која што се гради. Тоа одделение останува надвор од неа и би било добро ние како Центар заедно со Клиничката болница да успееме да изработиме квалитетна апликација и ја поднесеме до Програмата за Меѓугранична соработка, вели Здравева.

Таа додава дека како Центар можат да конкурираат на овој повик и со други две општини од источниот регион. - Јас лично сметам дека треба да одиме исклучиво со инфраструктурни проекти, нешто видливо, нешто што ќе остане и за идните генерации, како што е случајот еве во Штип со изградбата на регионалниот Мултимедијален центар, потоа како што е случај со Општина Кочани проектот „Зелени згради за заедничка зелена иднина“, каде што вршиме целосна адаптација на зградата во енергетски ефикасен објект, рече Здравева.

Единесетте општини од источниот регион на вториот повик за Програмата за Меѓугранична соработка со Бугарија ќе можат да аплицираат за инфраструктурни и меки проекти, а на располагање на овој повик се околу 10 милиони евра.