Македонија
22. May 2017 - 18:57

Штип ќе добие нова современа болница до крајот на 2018

Објектот на новата болница во Штип, инвестиција вредна 56 милиони евра кон која гравитираат 200 илјади жители, ќе биде целосно завршен до крајот на 2018 година. Увид во градежните работи на објектот денеска направи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров.

- Изградбата започна пред една година и е во напредна фаза. Практично поголемиот дел од првата фаза кој треба да се заврши во февруари 2018 година. Тоа значи дека отприлика за девет месеци од сега оваа болница ќе биде пуштена во употреба, а потоа откако ќе се вселат сите здравствени оддели од старата болница, веднаш во продолжение на овој објект ќе се догради уште еден помал објект кој согласно сите договори коишто се потпишани треба да биде завршен до крајот на 2018 година. Инвестицијата за овој објект е 56 милиони евра заедно со опремата што ќе се вградува внатре и со опремата во вредност од 10 милиони евра која што е веќе набавена ќе направи оваа болница да стане една современа, модерна клиничка болница која ќе биде место каде ќе се лекуваат штипајни, но и жителите од поголем дел од овој регион. Така што се работи за една капитална инвестиција во здравството која што ние ја ветивме во нашата програма и е отприлика од половина од Клиничкиот центар во Скопје којшто сега почнува со градба и за кој пред некој ден се потпиша договорот за градба, рече Груевски.

Министерот Тодоров информира дека покрај  најсовремена опрема за во болницата во изминатите четири пет години се вработени 153 лица медицински кадар, а на специјализацја или субспецијализација испратени се пет доктори од различни области на специјализација како гинекологија, анестизиологија, кардиологија и друго.

Тој додаде дека просториите на сегашното педијатриско одделение со неговото преселување во новиот објект ќе бидат отстапени на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Преостанатиот дел од просториите од старата болница кој нема да бидат урнати, се разгледува можноста да бидат пренаменети за геријатриски центар или за нега на  болни лица во терминална фаза од болест.