Свет
12. November 2015 - 8:50

Шпанскиот Уставен суд го суспендира предлогот за отцепување на Каталонија

Уставниот суд на Шпанија го суспендираше усвоениот предлог-план на регионалниот Парламент во Барселона, за независност на Каталонија.

Највисокиот шпански суд одлучи да отвори постапка околу барањето на владата во Мадрид за испитување на уставноста на решението на каталонскиот Парламент, што автоматски значи негова суспензија, во следните неколку месеци, додека трае постапката.

Со одлуката за суспензија на предлог-планот за сецесија на Катлонија, устевните судии ги предупредија каталонскиот претседател, Артур Мас и неговата влада, како и претседателот на регионалниот Парламент, на последиците од неприфакањето на ова решение на судот.

Во понеделникот, мнозинството од членовите на каталонскиот Парламент, кое го сочинуваат локални сепаратистички, национални и левичарски партии, го изгласаа предлог-планот за отцепување и за создавање “Република Каталонија„ во следните 18 месеци.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој го оцени овој потег на каталонските сепаратисти како „натрапливо непочитување на државните институции“ обвинувајќи ги политичарите околу Артур Мас за „раскрстување со демократијата“.

Во своето обраќање во понеделникот, во Мадрид, Рахој рече дека станува збор за интегритетот на Шпанија.

- Тие (сепартистите) се обидуваат да го уништат единството и целовитоста на државата, која има повеќе од 500 години историја, рече шпанскиот премиер, реагирајќи на усвојувањето на предлог-планот за отцепување.

Во шпанскиот главен град се верува дека Уставниот суд на крајот од постапката ќе пресуди во полза на Владата.