Македонија
12. July 2017 - 19:28

Шилегов: Зврлевски го разрешуваме зашто бранеше криминал

По говорот на државниот јавен обивинител Марко Зврлевски од собраниската говорница, Петре Шилегов од СДСМ рече дека неспособноста на јавниот обвинител не е само политичка констатација и квалификација од страна на нивната партија, туку дека  е констатација која државата ја добивала во скоро сите извештаи од релевантни институции, како Европската комисија, ОБСЕ и Стејт департментот.

Рече дека Зврлевски не успеал да ја сочува Република Македонија од политичарите, го нарече бранител на криминалот и дека тоа е неговата вина, како и на дел од правосудниот систем.

- За жал, Јавното обвинителство заедно со дел од судството во РМ претставуваа и се уште во сегменти претставуваат дел од криминалната спрега која раководеше со институциите на нашата држава. Дали тоа некој го направил свесно или несвесно не можеме и не смееме да даваме оправдување, рече Шилегов, според кого не е врв туку дно на кариерата работењето на Зврлевски.  Затоа што, рече, тој  е „човек кој не успеа да ја одбрани РМ од криминалците, служеше на криминалците и ја измести позициијата на ЈО на РМ од орган кој раководи со истрагата до послушник на МВРО-ВМРО“.

Во однос на случаите, Шилегов рече дека ЈО не кажало ништо за „Актор“ и не ја завршило се уште истрагата, иако европската антикорупциска агенција ОЛАФ ја има завршено, а дека, како што рече, свесно го застарел случајот на примање поткуп во „Македонска банка“ од Никола Груевски.

- Вас ве разрешуваме за реална неспособност, реална нестручност, за реална намера да го помагате криминалот во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, не како останатите кои биле политички разрешени од ова Сопбрание, рече Шилегов, додавајќи дека Зврлевски им помагал и на организаторите на упадот во Собранието на 27 април со тоа што прикривал и, како што рече, брзо-брзо ја заташкал истрагата со „учество во толпа“. 

Во однос на искажувањето на Зврлевски дека не ЈОРМ не влијае на постапките, Шилегов му рече дека заборавил да каже оти тоа е воспставено на хиерархија и субординација.

- Како јавен обвинител на РМ имавте обврска, не само право, било кој предмет да го одземете од било кој јавен обвинител на било кое ниво во Република Македонија, да му го одземете правото да постапува по тој предмет и да делегирате друг обвинител да постапува по тој предмет, рече Шилегов.

Поради дополнителните паузи во расправата, претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека Собранието ќе работи и по 18 часот, но на барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска и утре да не работат продолжено поради православните празници, Џафери ја прекина седницата и таа ќе продолжи утре во 11 часот.