Македонија
9. November 2016 - 14:13

Шилегов: Враќање на 13-тата плата

Носителот на кандидатската листа на СДСМ во Шестата изборна единица Петре Шилегов денеска во Тетово изјави дека во сетот мерки коишто ги нудат се предвидува исплата на 13-тата плата на крајот на годината.

Шилегов рече дека на средбите со граѓаните разговарале за начинот на којшто имаат намера да го направат животот на граѓаните подостоинствен преку мерките за намалување на невработеноста и за стоприрање на процесот на иселување на младите.

- Да позборуваме за начинот на којшто СДСМ има намера да го направи животот на граѓаните поевтин, поедноставен, преку укинување на такси коишто се непотребни за плаќање, како што е радиодифузната такса, намалување на сметките така што на секоја платена сметка, како и на сите други производи ќе овозможиме поврат на паричните средства во висина од 15 проценти од платениот данок на додадена вредност. Ќе овозможиме секој еден наш граѓанин, секое едно наше семејство на крајот на секоја година да добива 13-та плата, рече Шилегов.

Тој додаде дека планираат просечната плата во Македонија да изнесува 30 илјади денари по вработен.