Македонија
23. May 2017 - 16:16

Шилегов: Преговорите продолжуваа на сите нивоа и очекуваме набрзо да финишираат со нова влада

Се поизвесно станува учеството на БЕСА во новата Влада. Партиски извори брифираат дека на вчерашната средба меѓу Заев и Касами во Скопје се пеглале разликите околу принципите на новата влада. Информациите ги потврди и лидерот на БЕСА веднаш по средбата

Од СДСМ денеска велат дека преговорите продолжуваат на сите нивоa и дека набрзо се очекува да финишираат со предлогот за нова Влада до Собранието. Партискиот портпарол сепак не ги затвори дилемите поврзани со БЕСА

Лидерот на СДСМ Заев вчера потврди дека почнала распределбата на ресорите но повеќе детали не се соопштуваат. Во отсуство на официјални информации медиумите веќе го објавија костурот на новата Влада. Таму место бараат и претставниците на бизнис секторот. Тие имаат тројца свои претставници кои атакуваат на позицијата вицепремиер за економски прашања. Во игра се потпретседателот на Стопанската комора Кочо Анѓушев, претседателот на комората на северозападна Македонија Неби Хоџа и извршниот директор на Сојузот на стопанските комори Александар Зарков.
Заев има рок пред пратениците да го предложи составот и програмата на новата влада најдоцна до 6 јуни. Според динамиката со која течат преговорите, партиски извори велат дека не треба да биде изненадување доколку оваа процедура заврши пред крајот на оваа недела.