Свет
24. March 2017 - 15:56

Шидло: Декларацијата од Рим е прифатлива за сите земји

Полската премиерка Беата Шидло изјави денеска дека завршната декларација, што земјите членки на Европската унија се очекува да ја усвојат на утрешниот самит во Рим, е прифатлива за сите. 

Вчера таа предупреди дека Полска можеби нема да ја потпише доколку во неа станува збор за Европа „со неколку брзини“. 

- Декларацијата, што ќе биде усвоена на самитот во Рим, не е на нивото на нашите амбиции, Европа може и повеќе, но е документ што при сегашната политичка ситуација е прифатлив за сите и токму поради тоа е ценет, забележа Шидло. 

- Единството на Европа е приоритет. Единството на Европа е нејзиниот неделив карактер што е присутен во таа декларациа и тоа е успех за европските дипломати, потенцираше полската премиерка. 

Синоќа Шидло изјави дека ако декларацијата од Рим не содржи приоритети за полските прашања, Варшава нема да ја потпише. 

Таа наброја четири приоритети: Единството на ЕУ, одбрана во тесна соработка со НАТО, поголема улога на националните Парламенти и запазувањето на принципите на заедничкиот пазар.