Македонија
24. November 2017 - 16:49

Шест месеци условно за „насилствата во Општина Центар“ за советникот кој ја призна вината

Специјалното обвинителство ја доби втората правосилна пресуда. Условна затворска казна од 6 месеци заработи Томислав Лазаров, четвртообвинет за насилните протести пред Општина Центар во 2013-та. Откако на минатото рочиште ја призна вината и посочи дека се кае за стореното дело, Лазаров денеска рече дека е задоволен и нема да ја обжали пресудата. Советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар не сакаше да коментира како неговото признание ќе влијае врз постапката за неговите сопартијци.

Можам да кажам само дека го ценат тоа што судот ги ценеше сите олеснителни околности по што и најавив дека нема да се жалам за висината на изречената санкција, а за се останато не можам да зборувам за да не им наштетам на останатите обвинети во овој случај“ – рече Лазаров

Жалба нема да поднесе ниту Специјалното обвинителство, со што денешна пресуда станува правосилна. Фетаи очекува многу повисоки затворски казни за сите останати обвинети во овој предмет. 

За ова кривично дело е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години, па затоа единствено за овој обвинет за СЈО е прифатливо да добие условна казна бидејќи тој ја призна вината уште на првото рочиште. Доколку и овој обвинет вината ја признаеше по изведувањето на доказите, тогаш сигурно немаше да бидеме задоволни со условна казна – истакна обвинителката Фетаи.

Останатите 12 обвинети меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и екс-министерот за транспорт Миле Јанакиевски на минатото рочиште ја отфрлија вината. Специјалното обвинителство ги товари за поттикнување насилство со цел да се прекине седницата на Советот на Општина Центар за измени на деталниот урбанистички план. Судењето за сите нив продолжува на 29 ноември.