Македонија
23. January 2017 - 13:54

Шекспировиот „Отело“ - нова премиера на Турски театар-Скопје

Турски театар-Скопје утревечер на малата сцена во „Театар Комедија“ премиерно ќе ја изведе претставата „Отело“ од Шекспир во режија на Дејан Пројковски, кој со овој ансамбл има неколку соработки почнувајќи од првата пред десетина години кога ја постави „Гилгамеш“. 

На прес-конференција денеска режисерот рече дека трагедијата „Отело“ е продолжение на лабораторијата за антички театар од неговата претходна претстава во овој театар - „Прометеј“. И овојпат се работи за театар на движења - шестемина актери играат во вода во мал базен, така што претставата се занимава и со издржливоста на актерското тело, а соработник во градењето на специфичните сценски движења, како и во „Прометеј“, повторно му е кореографката Олга Панго. 

- Создадовме претстава која е жестока, сурова и радикална и сето тоа е содржано во актерската игра. Нашата „Отело“ во основа го има актерот. Водата во која се случува претставата е метафора на раѓањето, обидот за миење на гревовите, самата вода е и брачна постела, водата во која се извршуваат убиствата, стигнувајќи на крајот до дождот кој можеби се и солзите на Дездемона, рече Пројковски, додавајќи - водата ја носи и пораката дека најголемото зло во човекот и најголемиот отров во неговиот организам е мислата, таа ги создава конструкциите во главата.

Панго додаде дека имале макотрпен процес на подготовка зашто просторот во кој играат е вода при што телото, како што рече, е максимално искористено. - Актерите на едно лизгаво, неприродно тло до максимум се обидоа да ги дадат своите физички и играчки способности. Мислам дека со Пројковски повторно направивме еден чекор напред и ги турнавме границите за да внесеме новитет во македонскиот театар, истакна Панго. 

Актерот Џенап Самет, кој го игра насловниот лик, рече дека имале прекрасен и претежок процес во речиси три месеци подготовка. - Успеавме да направиме лабораторија и да излеземе од некои наши граници и од она што мислевме дека е нашиот максимум, рече Самет.

Во улогата на Јаго ќе настапи актерот Селпин Керим кој го играше Прометеј во претставата на Пројковски, а претходно и во „Ромео и Јулија“.  Рече дека со нетрпение ја чекал нивната нова соработка и дека новиот заеднички проект го прави да се чувствува привилегирано.  

Ликот на Дездемона ќе го игра актерката Сузан Акбелге, Осман Али ќе настапи како Касио, Зубејде Али, која играше и во „Ромео и Јулија“ на Пројковски, ќе настапи како Емилија, и Неат Али во улогата на Родриго. Музиката за претставата е на Горан Трајкоски, сценограф е Татјана Христоска-Блажевска, а костимограф е Тања  Кларис.

Како што рече Пројковски, таа направила костими за сегашноста, за ова време и простор, без историски контекст. - Претставата се обидува да го живее мигот, а бидејќи се игра во вода - прва и најважна работа е костимите да се удобни, рече режисерот.

Директорот на Турски театар-Скопје Атила Клинче истакна дека антологиски стануваат претставите на Пројковски кој петти пат режира во нивниот театар, а во однос на новитетите што овој режисер ги прави токму на нивната сцена, рече дека Турскиот театар колку е традиционален, толку е и модерен и авангарден.