Македонија
1. December 2016 - 13:55

Шекеринска: Подобри услови за образование на децата со посебни потреби

Носителот на кандидатската листа на опозициската коалиција предводена од СДСМ за Петтата изборна единица, Радмила Шекеринска, денеска во Охрид ги претстави мерките од нивната програма со кои ветуваат подобри услови за образование на децата со посебни потреби. 

- Држава не може да се нарекува ниту хумана, ниту солидарна, доколку не обезбеди шанса за децата со посебни потреби. Затоа ќе го менуваме системот и на децата од предучилишна вораст, кои се со посебни потреби, ќе им овозможиме да бидат вклучени одпредучилишно образование, рече Шекеринска.

Тоа, додаде Шекеринска, нема да го спроведуваме аматерски како што се прави сега, туку ќе обезбедиме навистина специјални едукатори што ќе го овозможат овој инклузивен пристап, како за сите деца така и за оние со посебни потреби. - Низ Македонија ќе отвориме центри за ран детски развој каде децата со посебни потреби од најрана возраст ќе можат да ги развиваат своите способности, а со тоа ќе им дадеме шанса и на родителите да обезбедат подобри услови за живот на своите деца, посочи Шекеринска.

Таа забележа дека се минимални средствата што денес во Македонија се издвојуваат за поддршка на децата со посебни потреби, најавувајќи дека СДСМ веднаш по изборите ќе ги зголеми за 50 проценти, ќе се менува и дел од регулативата за оценување на способностите на тие деца, примена во целост на Законот за квоти за вработување на лица со посебни потреби во јавната администрација, посебни додатоци за лицата со тешка телесна попреченост.