Македонија
27. јуни 2017 - 17:16

Шекеринска - Коменда: Мигрантската криза ја покажа потребата од поблиска соработка

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со началникот на Генералштабот на австриските вооружени сили, генералот Отмар Коменда, кој од денеска е во официјална посета на Република Македонија.

На средбата, министерката Шекеринска истакна дека ја цени меѓусебната соработка, особено поддршката од Австрија, во справувањето со мигрантската криза на јужната граница. - Токму оваа криза која ја зафати Европа покажа дека регионот е од големо значење за безбедноста на целиот континент, посочи министерката Шекеринска.

Таа додаде дека за Министерството за одбрана од исклучително значење е да се продолжи и унапреди одбранбената соработка, која вклучува и блиски односи меѓу двете армии и нагласи дека ја поддржува и поттикнува комуникацијата меѓу армиите на секое ниво.

Генералот Коменда оцени дека од негативниот развој на мигрантската криза, може да се извлече позитивен резултат во поглед на соработката на земјите од регионот и Европа. Тој додаде дека армиите на двете земји се секогаш подготвени за блиска соработка и оти единствено што е потребно е политичка поддршка.

На средбата од страна на министерката Шекеринска е истакната и потребата за помош и поддршка за останатите институции од кризниот менаџмент, чиј спектар на работа вклучува и справување со кризи од големи природни непогоди, во креирање на еден развиен европски тип на кризен менаџмент, што било прифатено од генералот Коменда како позитивен аспект на унапредувањето на соработката.

- Австрија има развиен систем на кризен менаџмент на локално ниво и ние сме подготвени на размена на знаења и искуства со Македонија во оваа област, рече генерал Коменда.  

Министерката Шекеринска нагласи дека Македонија има јасна политичка волја за развиена билатерална и регионална соработка и оти просперитетот на сите зависи од заедничката соработка.

На средбата присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ, генералот Методија Величковски, австриската амбасадорка Ренате Коблер и австриското воено аташе, полковникот Томас Ахамер. 

Во текот на денешниот ден, како што најави ресорното Министерство, Шекеринска ќе оствари средби и со амбасадорите на Холандија, Вилем Воутер Пломп, на Италија, Карло Ромео и на НР Кина, Јин Лисјен.