Фудбал
13. February 2016 - 16:51

Шампионот со победа се прости од Анталија

 
Тимот на Вардар со победа денеска ги заврши зимските подготовки во Анталија и го запиша четвртиот триумф од шесте контролни мечеви кои ги одигра. По вчерашниот триумф над украинскиот прволигаш Черноморец со 2-0, нашите играчи попладнево беа подобри и од германскиот Елверсберг, со конечен резултат од 3-1.
 
Возбудувањата на денешната средба почнаа уште во првата минута, кога Љамчевки го уфрли Блажевски во противничкиот шеснаесетник. Нашето лево крило несебично го проигра Стојков, кој без размислување биеше од прва, погодувајќи ја гредата од голот на Германците.
 
Само две минути подоцна, Блажевски овој пат самиот ја превзема одговорноста да шутира и со помош на левиот дирек, од околу 17 метри го матираше голманот Јенсен, за водство на Вардар од 1-0.
 
По безмалку 15 минути игра, противникот имаше две идеални прилики да израмни резултатот. Првин напаѓачот Дулек се најде осамен во нашиот казнен простор, но за наша среќа биеше само крај голот. Потоа малку недостигаше брзоногиот Гетел да искористи една грешка која вардарците ја направија на средината од теренот, меѓутоа голманот Гачевски успеа да му влезе во шутот, спасувајќи сигурен погодок.
 
Сепак, германскиот четвртолигаш по само десет минути игра во второто полувреме, успеа да ја круниса својата лесна теренска иницијатива. Левото крило Бихлер доби топка по неговата страна и на втората статива го пронајде нововлезениот Туљиќ, кој од само неколку метри рустински стрелаше во небранетата мрежа крај немоќниот Трајчевски.
 
По примениот погодок, нашите играчи тргнаа решително кон противничкиот гол. Во 70. минута, Блажевски центрираше од левата, страна, а Филип Ивановски на втората статива упати опасен удар со глава. Меѓутоа голманот Јенсен, со крајни напори успеа да ја исфрли топката во корнер.
 
Нагласената офанзива вроди со плод во завршницата од средбата. На 10 минути до крајот, Јасир Асани беше соборен во противничкиот шеснаесетник и успеа да изнуди удар од белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Блажевски, кој со својот втор гол на натпреварот ја најави четвртата победа за „црвено-црните“ во овој подготвителен период.
 
Само две минути подоцна, Асани по одличниот центаршут на Љамчевски од левата страна со прецизен удар успеа и да се запише во листата на стрелците, поставувајќи ги конечните 3-1.
 
Во завршните мигови од мечот, играчите на Елверсберг имаа можност да го ублажат поразот, но за наша среќа Мијушковиќ на самата гол линија го изблокира обидот на Естерхелвег.
 
Со одигрувањето на денешниот меч, вардарци ги комплетираа 25-дневните подготовки на турската ривиера и утре се враќаат во Скопје. Првиот натпревар од пролетната полусезона во домашното првенство, нашиот тим ќе го одигра в недела на 21 февруари, пред својата публика против екипата на Ренова.
 
ВАРДАР – ЕЛВЕРСБЕРГ 3-1
 
Терен: Фудбалски центар „ИЦ Сентаи“, во Кадрије.
 
Главен судија: Ерхан Каја; Помошници: Омер Каја и Мехмет Шерик (сите од Турција)
 
Стрелци: Блажевски 3 и 80 (п), Асани 82 – Вардар; Туњиќ 55 - Елверсберг
 
Жолти картони: Мијушковиќ 20, Асани 65 - Вардар
 
ВАРДАР: Гачевски, Брдаревски, Мијушковиќ, Попов, Љамчевски, Николов, Велковски, Блажевски, Грозданоски, Стојков, Ивановски.
 
Играа уште: Трајчевски, Личина и Асани.
 
ЕЛВЕРСБЕРГ: Јенсен, Маек, Кел, Еихмајер, Кунц, Колер, Васхаузен, Дулек, Бианкади, Гетел, Бихлер.
 
Играа уште: Туњиќ, Естерхелвег, Хинкелман, Фејстхамел, Леандро.