Македонија
18. March 2018 - 13:41

Шаклев: Проблемот со брашното го прават фирми кои не го почитуваат законот

- Проблемот со брашното го прават неколку фирми кои сакаат да го заобиколат законот, и на криминален начин да дојдат до повеќе пари, сметаат земјоделците.

Според нив, кои се тие фирми, треба да кажат царинската управа или другите институции надлежни за анализа на квалитетот на брашното.

- Проблем со брашното нема. Некои фирми го злоупотребуваат правилникот. Увезуваат брашно од Србија и директно го пуштаат во малопродажба и по пекарите, без да ги почекаат резултатите од анализите за квалитет. Тоа се компании кои на некој начин беа привилегирани, тие се бунат и прават неред на пазарот во Македонија, изјави денеска претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Евтим Шаклев.

Сите сериозни фирми, истакна Шаклев, кои увезуваат околу 30.000 тони, немаат никакви проблеми. Нивното брашно е складирано во магацините по пропис, и како што предвидува законот, се додека не ги добијат анализите за квалитет. 

- Ова не е политички проблем, туку притисок од фирмите кои работат нелегално и кои на криминален начин сакаат да дојдат да повеќе економски средства, подвлече Шаклев.

Негова оценка е дека во Македонија годишно се увезуваат 40.000 тони брашно од кои 10.000 одат директно во промет.