Спорт плус
9. July 2015 - 13:31

Шаховскиот клупски куп ќе се одржува во Скопје со повеќе од 60 екипи

Република Македонија, градот Скопје и општината Карпош повторно ќе бидат домаќини на едно големо европско натпреварување, овој пат во шахот. Во периодот од 17-25 октомври оваа година во општина Карпош ќе се одржи 31-от Европски клупски куп и 20-от Европски клупски куп во шах за жени.
 
На ова големо натпреварување учество ќе земе шаховската елита од Европа од вкупно 24 европски држави, што дополнително говори за квалитетот и нивото на овој спортски настан. Досега се пријавени 63 екипи – 48 во машка и 15 во женска конкуренција.
 
- Македонија во изминтиот период се покажа како одличен домаќин и организатор на голем број меѓународни спортски натпреварувања, меѓу кои и шахот почнувајќи од Шаховската Олимпијада 1972 година, Балканијадата 1984 година, Европското поединечно Првенство 2001 година, Европскиот Клупски Куп 2009 година, се само дел од бројните врвни настани одржани во Македонија. Традицијата на одржување силни меѓународни шаховски турнири во Македонија продложува со добивањето на организацијата на Европскиот клупски куп. Шахот во нашата земја има голем потенцијал за подем, а нашите шаховски легенди од калибарот на Трајко Недев, Весна Секуловска, Драгољуб Јаќимовиќ и Елизабета Чолаковска Шпољариќ се и носители на највисокото спортско признание, популарната „Спортска пензија”, изјави Спасески.
 
Тој се заблагодари на Шаховската федерација на Македонија, на техничкиот организатор шаховскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ и на домаќинот на Купот, општината Карпош за како што кажа, целокупниот ангажман во насока на создавање на одлични услови за вистинска презентација на нашата земја и Градот Скопје.
 
- Практично одличната организација на шаховскиот турнир “Карпош опен” беше можеби и пресудна за добивање на организацијата на ова големо натпреварување, што се потврди и на минатогодишната средба со претседателот на Европската шаховска Унија, Азмајпарашвили, нагласи директорот на АМС.
 
Спасески скрено се надевам и верувам дека ќе се покажеме во највисоко светло на организација и ќе претставуваме пример како треба да се организира успешно Европско клупско првенство.
 
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски ја нагласи повеќегодишната поддршка што неговата општина ја дава на шахистите.
 
- Турнирот Карпош Опен стана меѓу петте најдобри турнири во Европа и како резултат на тоа Европската шаховска федерација ни го додели Европскиот клупски шампионат. Очекуваме преку 800 најдобри шахисти од цела Европа. Заедно со Агенцијата за млади и спорт, градот Скопје и Владата на Република Македонија ќе направиме се да се прикажеме како добри домаќини и во одлично светло како поттик за наредните турнири, рече Јакимовски.
 
Турнирот ќе се игра за награден фонд од 45 илјади евра обезбеден од општина Карпош. Мечевите ќе се пренесуваат он-лајн на веб страната www.chess.com