Македонија
20. July 2016 - 13:03

„Сфумато театарот“ од Софија со претставата „Сонот на Гогољ“ вечерва на „Охридско лето“

Драмската програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со претставата „Сонот на Гогољ“, поставка на „Сфумато“ театарот од Софија, во режија на бугарската режисерска елита со театарските професори Маргарита Младенова и Иван Добчев.

Како што рече селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски на денешната прес-конференција за вечерашната претстава, „Сфумато“ театарот е специфичен поради својот лабараториски пристап кон секоја своја постаква, како свеовидно истражување на различни теми, во различни околности, со различни актери кои генерациски стануваат дел од тоа театарско семејство.

Режисерот Добчев од режисерскиот двоец што ја постави претставата „Сонот на Гогољ“, рече дека претставува приказна за човекот маргиналец, човекот кој не се случил, човекот кој нема љубов.

- Тоа ни дава за право да се занимаваме со текстовите на Гогољ во денешницата, во време кога тие текстови имаат добра перцепција, особено кај младата популација, рече режисерот посочувајќи дека самата претстава е своевиден амалгам составен од четири различни дела на авторот.

Неговата соработничка и корежисерка Маргарита Младенова изрази задоволство што по три претходни учества на „Охридско лето“ конечно нивната претстава ќе се игра во неповторливиот амбиент на Предворјето на Света Софија.

- Особено е важно и местото, сцената каде се настапува. Независно што охридската публика мошне добро ја чувствува енергијата на текстот, сепак, сценската поставка многу придонесува за длабоко воспримање на пораките што ги носи претставата. Уверени сме дека овојпат фестивалската публика ќе има можност да доживее сосема уникатно и поинакво претставување на Гогољ, рече таа.

Дел од актерската екипа е и младиот македонски глумец Антонио Димитриески, дипломец во класата на Дибчев и Младенова, кому токму „Сонот на Гогољ“ му е првиот професионален глумечки ангажман по дипломирањето.

- Неизмерно сум благодарен на „Сфумато театарот“ за укажаната доверба и шанса, уште повеќе што се работи за друга држава, сличен јазик, но коренито поинаков кога се излегува на сцена, рече тој.

Претставата ќе се игра на отворената сцена на Предворјето на црквата Света Софија, со почеток од 21 часот.