Бизнис
25. September 2016 - 10:03

СФММ: Канцеларија или природа - дилема што може да го поттикне локалното традиционално производство на храна

Младите да се свртат кон природата, можеби таму, во чистата, помалку загадена околина, ќе ја најдат својата перспектива. Сериозно да размислат за агро и еко потенцијалите што ги нуди Македонија како опција за нивната иднина, наместо да бидат дел од навиката на чекање работа од институциите и пари од родителите, порачуваат активистите на Слоу Фуд млади од Македонија (СФММ) кои учествуваат на годинашниот саем за традиционална храна „Тера Мадре Салоне дел Густо“ во Торино, Италија.

Според нив, СФММ се залага за промовирање и актуелизирање на придобивките од производството на традиционална храна, но и за отворање на сите горливи прашања особено што ги тангираат младите производители, со цел нивно надминување.

- Во нас е иднината и тоа е голема одговорност. Мора да ги отфрлиме предрасудите дека ако си производител, фармер, земјоделец, пчелар, не си образован, живееш еднолично и заостануваш во се. Треба да бидеме поедуцирани, информирани, и наместо да потценуваме, да знаеме дека секој што се занимава со оваа професија придонесува многу, за луѓето, животните, опкружувањето, се грижи за биодиверзитетот, ги чува традицијата и културното наследство, вели Билјана Митреска од СФММ.

Според неа, иако млади, локални производители во Македонија нема многу, речиси сите се високообразовани во различни струки - машинство, архитектура, биотехнологија, земјоделско инженерство, информатичка технологија.

- Повеќето љубовта кон традиционалното поризводство ја наследиле од родителите, своите баби и дедовци, но има и такви кои се пораснати во урбани средини и никогаш не биле во село, немале контакт со домашни животни, ниту помирисале свежо млеко и потоа, одејќи почесто во природа, едноставно се вљубиле во неа и почнале да го реализираат својот сон тука, додава Митреска.

Тоа го потврдува и Ристе Чекоров од Кавадарци, биотехнолог, кој засега од хоби произведува ракија, но планира да почне и производство на вино од јаболка.

- Праксата на терен може да прерасне во љубов кон која било гранка од традиционалното земјоделско производство, особено ако се знаат придобивките, а ги има многу - постојано си на чист воздух и физички активен, ја негуваш и пренесуваш традицијата, ги чуваш автохтоните видови, нагласува Чекоров, по струка биотехнолог.

Никола Цицковски и Горан Здравески, информатичари од битолското село Буково, ја продолжуваат традицијата на произведување буковска пипер и за ништо, велат, не би се откажале од ова што моментно го работат. Слично размислуваат и браќата Фарук и Фуркан Ризванче од Гостивар кои веќе го заменуваат својот татко во производството на бело овчо сирење.

- Проблеми има многу, како во секоја работа, но тоа во никој случај нема да не предомисли и да не натера да го напуштиме занаетот пренесуван со генерации, децидни се младите производители. Жално е, додаваат, што повеќето млади сакаат брз профит, работа во банки и институции, а родителите ги поддржуваат да седат дома иако немаат работа. Веројатно не сакаат или можеби и не знаат да направат разлика меѓу канцеларијата и природата.

Ниската откупна цена, нелојалната конкуренција, нередовниот пласман, административните бариери и агресивниот маркетинг на корпорациите, големите маркети и индустријата, се најголемите предизвици со кои се соочуваат нашите млади локални производители на традиционална храна.

На „Тера Мадре“ во Торино, преку низа работилници и конференции, мрежата на Слоу Фуд млади од целиот свет уште еднаш ја испрати пораката дека токму локалните, мали производители се чувари на Земјата, на нејзиното природно богатство, на биодиверзитетот и ресурсите. Меѓу главните теми на дискусиите е и поврзувањето на урбаните и руралните средини - дали, колку и зошто е тоа потребно.