Свет
15. September 2015 - 11:40

Северна Кореја повторно го активирала нуклеарниот комплекс во Јонбон

Главниот севернокорејски нуклеарен комплекс, во Јонбон, повторно е пуштен во нормален режим на работа, информира денеска државната агенција КЦТА, цитирана од ТАСС.

Северна Кореја соопшти дека комплексот, што на земјата и обезбедува материјал за програмата за нуклеарно оружје, функционира во полн капацитет и работи на подобрување на нуклеарниот потенцијал во однос на квалитет и количество.

Директорт на севернокорејскиот Институт за атомска енергетика, во интервју за КЦТА изјави дека земјата е целосно подготвена „ во секое време и со нуклеарно оружје да им се спротивстави на непријателствата на САД.

-Севернокрејската нуклеарна  програма е природна реакција на Пјонгјанг на отворената непријателска политика на Вашингтон, подвлече тој.

Инсталациите што повторно беа пуштени во експлоатација во себе вклучуваат нуклеарен реактор со моќност од пет мегавати, способен да произведе околу шест килограми плутониум годишно, што е доволно количество за правење нуклеарна бомба, забележуваат француските медиуми.

Веста за обновената работа на комплексот доаѓа во момент кога многу аналитичари стравуваат дека Северна Кореја се подготвува да истрела нова ракета за прекршување на резолуциите на ОН. Сеул денеска го предупреди Пјонгјанг дека секоја ваква преземена акција ќе ја смета за акт на сериозна провокација.

Северна Кореја вчера предупреди дека е подготвена да истрела „сателит“ со ракета со голем досега. Таа прецизира дека истрелувањето ќе ја одбележи годишнината на владеењето на комунистичката партија, што ќе се празнува следниот месец, посочуваат американските медиуми.