Свет
2. November 2017 - 15:55

Сеул: Северна Кореја најверојатно подготвува нов ракетен тест

Северна Кореја би можела да изврши нов ракетен тест со оглед на забрзаните активности кои се забележани во истражувачките постројки, објави денеска јужнокорејската новинска агенција Јонхап, повикувајќи се јужнокорејската разузнавачка агенција.

Северна Кореја ракети

- Постои можност Северна Кореја да лансира ракета бидејќи е забележано придвижување на возилата во истражувачката постројка во Пјонгјанг, соопшти јужнокорејската Национална разузнавачка служба.

Јонхап наведува дека најверојатно локацијата за нуклеарно тестирање во северозападниот град Пунгје-ри е оштетена за време на шестата и најголема нуклеарна проба, што Пјонгјанг ја изведе во септември.

Веста за евентуално ново севернокорејско ракетно тестирање е објавена пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Сеул. Во рамките на азиската турнеја Трамп на 7 ноември ќе допатува во Сеул, а ќе ги посети и Јапонија, Кина, Виетнам и Филипини.

Столтенберг во Сеул

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Сеул изјави дека вооружените амбиции на Пјонгјанг се „глобална закана“.

- Мислам дека сите сфаќаме дека војната би била исклучително опасна и катастрофална не само за луѓето кои живеат во регионот, туку и за светскиот мир и безбедност, посочи Столтенберг.

Тој додаде дека Алијансата „секогаш е подготвена да одговори и да одбие секаков напад од кој било правец“.

- Важно е тензиите да не се драматизираат, за да не се создаде проблематична ситуација, истакна Столтенберг.