Свет
17. March 2018 - 11:23

Сешнс го смени поранешниот директор на ФБИ, два дена пред да се пензионира

Американскиот министер за правда, воедно и државен обвинител, Џеф Сешнс му даде отказ на поранешниот директор на ФБИ, Ендрју Мекејб, само два дена пред неговото пензионирање.

Таквата одлука беше очекувана, откако Мекејб веќе подолг период и многу често е мета на критики и несогласувања од американскиот претседател Доналд Трамп, објавија западните медиуми.

Сешнс го смени Мекејб врз основа на препораките на дисциплинската комисија на ФБИ.

- Јас сум жигосан и третиран на ваков начин поради улогата која ја имав, дејствијата кои ги преземав и настаните на кои бев сведок по отстранувањето на Џејмс Коми, изјави Мекејб веднаш по одлуката на министерот за правда за негова смена.

Отказот веројатно ќе покрене многу прашања дали Мекејб е казнет премногу сурово поради политички притисок од страна на Трамп, кој жестоко го критикуваше на Твитер и бараше негова оставка.

Трамп одлучи да го смени и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Херберт Рејмонд Мекмастер, откако на почетокот на неделава му даде отказ и на државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.