Свет
21. February 2018 - 9:59

Сергеј Лавров во посета на Словенија и Србија

- Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ќе престојува во посета на Словенија и Србија.
 
Лавров во Љубљана ќе има средби со словенечкиот државен врв и ќе потпише меморандум за основање на Меѓународен центар на Втората светска војна, по што вечерва ќе пристигне во Белград.
 
Посетата на рускиот министер за надворешни работи на Белград се остварува на покана на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ по повод одбележувањето на 180 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Србија и Русија.
 
За време на дводневата посета на Србија, како што јави дописникот на МИА од Белград, Лавров ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, со кои ќе разговара за билатералните односи, економската соработка, состојбата на Западен Балкан и Косово.
 
Шефот на руската дипломатија утре ќе присуствува на презентацијата на мозаикот на куполата на црквата Св. Сава, по што на свечена церемонија на Дачиќ ќе му го врачи Орденот за пријателство, со кој беше одликуван од рускиот претседател Владимир Путин.
 
Во пресрет на посетата на Белград, Лавров изјави дека Москва не се противи на приближувањето на Србија и на земјите од регионот во ЕУ, но и дека изборот кој Брисел го поставува пред земјите кандидат - или Русија или Запад - е погрешна политика.
 
Лавров оцени дека Западот го прекршил „џентлментскиот договор“ за неширењето на НАТО кон руските граници, игра во која се вовлекува и Балканот, а во тој котекст беше спомената и Македонија и нејзините аспирации за влез во НАТО.
 
Тој нагласи дека Русија е заинтересирана за „зачувувањето на историските, духовните, културните врски со пријателите на Балканот“, додавајќи дека Москва ќе го прифати кое било решение што ќе го договорат Белград и Приштина.
 
Според Лавров, Русија неотстапува од намерата да се реши проблемот со дипломатскиот статус на Хуманитарниот центар во Ниш.