Свет
28. September 2015 - 18:08

Сепаратистите победија на изборите - Каталонија на чекор до отцепување од Шпанија

Партиите кои заговараат отцепување на Каталонија од Шпанија, обезбедија апсолутно мнозинство  во парламентот на покраината.Тие освоија  72 од вкупно 135 пратенички мандати. Главната сепаратистичка  коалиција Заедно за ДА  обезбеди  62 места а  10  екстремно левичарската партија Кандидатура за народно единство. Победниците порачаа дека ова значи  јасен мандат да ја поведат богата шпанска област кон отцепување.

- Вечерва гласањето со ДА победи но победи и демократијата. И тоа е многу важно. Две победи во една,  изјави  каталонскиот претседател  Артур Мас .

Шпанската Влада  се закани дека ќе оспори какви било унилатерални чекори кон независност на суд,наведувајки дека  Уставот на земјата не дозволува ниту еден регион да се отцепи. Според аналитичарите  ваквиот исход од гласањето  во вториот најнаселен регион   е сериозен удар за владата на  Маријано Рахој   на три месеци пред парламентарните избори. Иако изборите донесоа победа на партиите кои најавуваат независност, анкетите покажуваат дека мнозинството Каталонци сепак сакаат да останат во состав на Шпанија, ако владата во Мадрид им понуди поволен даночен режим  и закони кои  овозможуваат  поголема заштита за нивниот јазик и култура.