Свет
19. December 2016 - 8:54

Сенатори бараат конгресна комисија да ги истражи кибер нападите на странски држави врз САД

Американски сенатори, и републиканци и демократи, побараа формирање специјална конгресна двопартиска комисија, која ке ги истражи кибер нападите извршувани врз САД од странски држави и конкретно обидите на Русија да влијае врз претседателските избори. 

Чарлс Шумер, кој од јануари ќе биде лидер на демократите во Сенатот во новиот Конгрес и републиканецот Џон Меккејн, претседател на сенатската комисија за вооружени сили, изјавија вчера дека е неопходно специјална конгресна комисија да спроведе истрага на хакерските напади врз електронската комуникација на Демократската партија во предизборната кампања.

- Фактот дека тие се обидоа да го нападнат нашиот политички систем и се обидоа да влијаат врз изборниот резултат го сметам за нешто мошне сериозно, рече сенаторот Чарлс Шумер пред новинарите во Њујорк.

Тој додаде дека комисијата треба да ги истражи и хакерските напади врз други земји, како Кина и Иран.

Шумер и уште тројца сенатори, републиканците Џон Меккејн и Линдзи Греам и демократот Џек Рид испратија писмо до лидерот на републиканците во Сенатот Мич Мекконол, во кое побараа да биде составена специјална истражна комисија.

- Информациите за руското мешање во нашите избори треба да го загрижат секој Американец. Кибер безбедноста е најголемиот предизвик за судскиот систем и ние треба да ги преземеме сите мерки да се справиме ефективно со него, напишаа четворицата сенатори во писмото.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп се разлути на овие тврдења и нагласи дека чесно ги добил изборите. 

Руски претставници ги отфрлија обвиненијата за мешање во изборниот процес на САД.