Македонија
18. February 2017 - 18:53

Села: Ќе се формира тело за подготовка на закон за албанскиот јазик

Албанските партии ќе формираат тело кое ќе изготви предлог-закон за употреба на албанскиот јазик, е заклучокот од денешната средба меѓу претставниците на Алијансата на Албанците и на ДУИ.

На средбата одржана во Скопје присуствуваат лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Движењето за реформи-ДПА, Зијадин Села, претседателот на Унитети (Единство) Гзим Острени и претседателот на НДП, Весел Мемеди.

Села по средбата изјави дека во рок од три дена албанските политички партии треба да предложат по двајца нивни претставници со цел да се направи правилник за функционирањето на ова тело.

Додаде дека парламентарните партии на Албанците дебатирале за декларацијата на Албанците и како понатаму ќе се одвиваат средбите. Во контекст на тоа рече дека во иднина средбите треба да се одржуваат во Собранието.

- Дебатиравме околу нацрт верзијата на законот за албански јазик и ги хармонизиравме нашите ставови околу ова прашање. Заедно работиме на предлог на закон кој ќе ги задоволува потребите на Албанците, рече Села.

На средбата не присуствуваа претставници од Движењето БЕСА од  каде преку соопштение информираа оти не учествуваат на состаноци кои не се во духот на заедничката Декларација на албанските парти во Македонија.

За нив, како што стои во соопштението, ова е само билатерален состанок помеѓу две албански партии во Македонија.

- Движењето БЕСА стои на ставот дека и покрај тоа што некои политички експоненти – на инфантилен начин – ја присвоја Декларацијата, сепак Движењето БЕСА ќе продолжи да ја поддржува Декларацијата и кога овие точки ќе дојдат во Собранието на Република Македонија, нашите пратеници ќе ги поддржат истите, се додава во соопштението.

На денешната средба на албанските партии, која се одржа на иницијатива на Зијадин Села се разгледувале опциите околу можноста за формирање на новата влада.