Македонија
18. May 2017 - 19:18

Секојдневни разбојништва во Скопје - Дали граѓаните се чувствуваат безбедно?

Ја турнал на земја и под закана со нож, од вратот и го одзел златното ланче и избегал. Две непознати маскирани лица вооружени со пиштоли влегле во спортска обложувалница и од вработениот одзеле 4000 денари по што го напуштиле местото. Ова се дел од последните разбојништва регистрирани во главниот град. Скопјани секојдневно се соочуваат со грабежи среде бел ден, кражби по куќи, станови и автомобили, разбојништва во продавници  и спортски обложувалници.

Според информациите од МВР, дневно во Скопје се пријавуваат по десет кражби и разбојништва. Граѓаните раскажуваат  за најразлични ситуации во кои се нашле тие или нивни пријатели, од кои може да се утврди дека се краде се и не се избира место или време.

Од регистрираните кражби  минатата година, досега се откриени 250 извршители на обични кражби, три на џебни кражби, двајца сторители на дрски кражби и осуммина кои извршиле кражби поврзани со разбојништво. 653 од сторителите на кражби се полнолетни, седумдесет од уапсените се  малолетни лица, а десет се деца.

Официјалната полициска статистика покажува дека изминативе неколку години, на територијата на Град Скопје се случувале по околу 4000 кражби годишно, од кои најголем дел биле направени од полнолетни лица. Најчести жртви се пензионерите и малолетниците.