Македонија
31. May 2016 - 17:07

Секоја цигара го скратува животот за 12 минути, во Македонија 700.000 пушачи

Ако пушите во просек 20 цигари дневно со цена од 70 денари, годишно трошите пари за еден летен одмор или 27 000 денари. Доколку, пак, ја палите цигарата  2 до 3 минути по будење, тогаш сте лице со висок степен на никотинска зависност.  Овие тестови според лекарите од Институтот за ТБЦ, треба да бидат аларм дека е време да прекинат или, пак, да го намалат пушењето. Предупредуваат дека пушач со 20 до 30 годишен стаж има намалена функција на белите дробови како и ризик од појава на тешки заболувања.

- Кај сите пушачи чадот од цигарите причинува голем број абнормалности во организмот. Од главните состојки кои се издвојуват од чадот никотинот е најсилниот  алкалоид од цигарите кој причнува зависност, а катранот  е супстанцата поради која се умира поради лошите пушачки навики кои предизвикуваат  бројни патолошки промени во организмот. Навлегува преку  респраторниот систем, се таложи во белите дробови, навлегува во циркулацијата  и преку неа ги оштетува сите органи, изјави Билјана Илиевска Поповска, директор на Институт за ТБЦ

Според истражувањата на Инситутот, во Македонија се регистрирани 700.000 пушачи кои годишно трошат 11 тони цигари,  или 5,5 килограми тутун по глава на жител. Дел од нив на денешниот Светски ден против тутунот, правеа тестови за белодробната функција. Свесни се за ризикот, но велат многу е тешко да не запалат цигара.

-Пушам со години, имав прекин, но останав технолошки и пак пушам. сакам да ги откажам, веќе имам и проблеми, велат граѓани

Лекарите апелираат до пушачите да се откажат од штетната навика, а младите воопшто да не посегнуваат кон цигарите и да се посветат на здрав живот.Според податоците на СЗО, на секои шест секунди едно лице умира од болест поврзана со пушење, а една испушена цигара го скратува животот за 12 минути.