Бизнис
18. September 2017 - 19:37

Секој трет туристички водич работи на црно, надлежните ги повикуваат инспекциите на терен

Секој трет туристички водич  работи на црно. Најголем дел од нив се без познавање на  јазикот на стрaнските гости, ниту пак  материјата односно историјата на атракциите кои им ги покажуваат. За услугата наплаќаат  од 50 до 70 евра. Од надлежните здруженија проблемот го лоцираат во прелесното стекнување на легитимација за водич. Затоа бараат  итно да се воведе републичка туристичка инспекција која ќе ги контролира овие лица.

- Очекуваме да изградиме механизми со кои оваа легитимација ќе прерасне во лиценца за работа што ќе ги мотивира младите да препознаат професија во оваа дејност, да инвестираат во знаење, и да не работат како водичи само додека студираат и само нешто да раскажуваат.   Преку законски измени да се овозможи лиценцирање на туристичките водичи за поквалитетни услуги на туристите, како и да се воведе републичка туристичка инспекција, предлагаат здруженијата на угостителството и туризмот и на туристичките водичи при Стопанската комора на Македонија кои денеска потпишаа меморандум за соработка.

Голем проблем е и слободниот влез на водичи од странство. Тие  ја искривуваат историјата, не соработуваат со домашните водичи и нема надлежен орган којшто ќе може да ги казни.

- Потребно е исто така да се унифицираат презентациите за да нема драстично различно претставување на историјата и културата. Во Другите земји задолжително е да се ангажира домашен водич. На пример во Хрватска ако не ангажираш домашен труистички водич се соочуваш со казна од 2.000 евра – вели заменик-претседателот на Здружението на труистички агенции, Славе Сирачевски

Во земјава има околу 760 туристички водичи. Најголем дел од нив, близу 400 се активни. Од нив само двајца знаат холандски јазик и покрај тоа што последниве години во земјава доаѓаат голем број на туристи од Холандија.