Свет
15. July 2017 - 12:08

А сега кибер напади врз Германија пред изборите

Билд - Берлин

Германија пред сојузните, септемвриски избори на кои ќе се одлучува кој ќе владее со најсилната европска нација, се наоѓа во „визура” на т.н. „кибер шпиони”, пред се од Кина и Русија. 

Сојузните служби за заштита на Уставот предупредија на можно „влијание на сојузните избори”, пред се преку целни кибер напади од Русија на германските партии и политичари.

И претседателот на Службата за заштита на Уставот, Ханс-Георг Масен гледа опасност пред изборите за обиди на сајбер-напади од странство, посебно од Русија.

И Еуген Касперски, за кого се вели дека е светски најпознат експерт и основач на руската фирма за ИТ заштита „Касперски Лаб”, со 3.600 вработени во светот, по повод германските избори и кибер нападите рече дека во светот расте бројот на обиди за манипулација со изборните кампањи и изборите.

- Факт е дека ние се наоѓаме среде една светска информатичка војна. Социјалните мрежи притоа служат како оружје. Затоа улогата на традиционалните медиуми во иднина ќе стане и многу поважна. Против т.н. лажни вести нема никаква заштита, освен образованието и разумот, вели Касперски.

На прашањето на таблоидот „Билд” дали тој може да го „нападне” т.н. крипто-телефон на Меркел, Касперски вели дека тоа не е негова цел, ни задача.

- За мене би било многу по интересно да покажам, каде се слабите точки на заштитата, вели тој и наведе дека тие би можеле, во рамки на една симулација да ги покажат слабите места на телефонот и така да помогнат „безбедносните дупки” повторно да се затворат.

И рускиот опозиционер и поранешен шампион во шах Гари Каспаров на една интернет конференција во Берлин, уште пред неколку месеци укажа на опасноста од Русија, која според неговите проценки, по влијанието на американските избори, сака да делува и на германските избори.

Каспаров на таа конференција предупреди дека претседателот на Русија Владимир Путин сака германската канцеларка Ангела Меркел да ги изгуби изборите, меѓу другото и затоа што како што самиот рече, таа ги поддржува западните санкции против Русија.

Слично смета и рускиот новинар Игор Ајдман, кој верува дека Германија за Путин има приоритет и дека Путин на чело на Германија сака еден политичар кој би му излегувал во пресрет.

- Тоа што на Советскиот Сојуз не му појде од рака преку воен притисок, тоа сега Путин сака да го постигне со помош на корупцијата и манипулациите во медиумите и политиката, предупреди Ајдман.

Во еден извештај на Службата за заштита на уставот, во кој „Билд” имаше увид, се наведува дека „Русија и Кина повеќе пати биле идентификувани како кибер-напаѓачи” и се предупредува дека целите на нападите покажуваат јасен обид политиката и сојузната управа стратешки да се шпионираат.

На удар на „кибер-шпионите” посебно се наоѓа германското Министерство за надворешни работи, германските амбасади во странство, министрите за стопанство и финансии, а и Канцеларската служба во Бундесверот, според тој извештај се наоѓа засилено во „фокусот на напаѓачите”.

Како што се приближуваат сојузните избори, на кои треба да гласаат над 60 милиони Германци, така и темата за кибер нападите е се по присутна, како и советите „што да се направи да не се гласа за Путин”, но и информации за тоа дека и Германците „имаат коњи за трка”.

Што ќе биде одговорот на Германија.

Според претходните најави: германските кибер војници.

Нивните напади се без пролевање на крв, но опасни, тие можат елегантни, дотерани и со дискретна насмевка да работат во банки, но и во Бундесверот, тие бранат со интелект, а не со телото, тие се германски кибер војници и најголем проблем со нив изгледа е да се најдат и да се придобијат на своја страна.

Тоа може да биде најкус опис на германските кибер војници, кои ова лето треба да бидат интегрирани во посебни „трупи”.

Се смета дека тие трупи треба да имаат 13.500 кибер војници, моментално расеани по целиот Бундесвер, кои освен со „глувчето и тастатурите” ќе бидат вооружени и со огнено оружје и ќе одат дури и на редовни вежби за стрелање.

Овие кибер војници на министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен ќе имаат право и да интервенираат, но само со одобрен мандат од Бундесверот. 

Ако мрежата на Бундесверот се нападне, тие тогаш би биле бранители, се вели за овие трупи кои ќе бидат воена одбрана од т.н. четврта димензија, а тоа е ИT-мрежата.

Кога станува збор за новите трупи, јасно е дека тука ќе се работи за елитата, бидејќи Бундесверот сака да ги придобие техничките таленти.

И додека од Бундесверот истакнуваат дека тоа е нивна иднина, аналитичарите проценуваат дека една од најтешките задачи на кибер командата, нема да биде ни анализирањето, ни надгледувањето, ни контролата на ИT-секторот, туку привлекување на персонал, бидејќи кибер трупите ќе конкурираат на слободниот пазар, а тоа велат сепак плаќа подобро.