Македонија
28. јуни 2017 - 8:55

Седници на три собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за транспорт, врски и екологија и за еднакви можности на мажите и жените.

Собраниската Комисија за европски прашања ќе ја одржи првата седница на која е најавено обраќање на евроамбасадорот Самуел Жбогар и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи.

На дневен ред на седницата се Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2016 година, заедно со заклучоците и препораките од Стратегијата за проширување на ЕУ за 2016 година.

На седницата ќе се расправа и за Резолуцијата на Европскиот парламент од 14 јуни 2017 година за Извештајот на Комисијата за Република Македонија за 2016 година.

Со Комисијата ќе претседава пратеникот Артан Груби, а како што најавуваат оттаму, на седницата поканети се претставници на граѓанскиот сектор и дипломатскиот кор со цел поголема транспаретност и отчетност на Комисијата. 

На дневен ред на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените се извештаите од истражувањата на третманот на родовите прашања и на прикажувањето и претставувањето на жените и на мажите во програмите на радиодифузерите во 2016 година, додека Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе ги разгледа извештаите за работата на агенциите од железничкиот сектор и електронските комуникации.