Македонија
27. August 2015 - 15:12

Седница на Советот на НБРМ

Народната банка на Република Македонија на денешната седница ја усвои одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка.

Кредитниот рејтинг, определен од една од трите меѓународно признати агенции за кредитен рејтинг, и натаму останува основен услов за да може домашна банка да вложува во хартии од вредност во странство. Исто така, доколку хартијата од вредност престане да ги исполнува пропишаните услови, се определува рок од максимум три месеци во кој домашната банка треба да ја отуѓи странската хартија од вредност или да ја затвори позицијата во странски деривативен финансиски инструмент. 

На седницата беа усвоени и измените на Одлуката за воведување посебни заштитни мерки со кои се ограничува одливот на капитал кон грчки субјекти.

- Се исклучува забраната за кредитното осигурување, поаѓајќи од Законот за супервизија на осигурувањето дека правните лица и физичките лица кои вршат дејност и граѓаните во Република Македонија, се осигуруваат во осигурителна компанија основана според тој закон. Исто така, се дозволува плаќање аванс на дивиденда на нерезиденти од Република Грција, само доколку плаќањето се врши во согласност со закон, за што правното лице, резидент на Република Македонија коешто исплаќа аванс на дивиденда, треба да достави соодветен доказ до овластената банка,се појаснува во соопштението од НБРМ.

Донесена е и одлука за измена на Одлуката за задолжителна резерва со која се врши намалување на стапката за обврските на банките кон физички лица во домашна валута со договорна рочност над една година, од 8 осум на 0 проценти. Со ова, појаснува НБРМ, овие обврски добиваат ист третман како и обврските над две години, за кои веќе се применува 0 стапка од 2012 година.

- Имајќи предвид дека со измената банките се ослободуваат од задолжителната резерва за депозити на физички лица во денари со рочност повисока од една година, се очекува оваа мерка соодветно да влијае врз поголема понуда на штедни производи во денари со стимулативни каматни стапки, велат од НБРМ.

На седницата на Советот е донесена и Одлука за изменување на Одлуката за благајнички записи. Со неа се предвидува приспособување на механизмот на учество на аукцијата на благајнички записи на Народната банка, каде што основен критериум ќе биде поединечното учество на банките во вкупните обврски во домашна валута без валутна клаузула на банкарскиот систем. Со измените, Народната банка го задржува континуитетот на поддршка на штедењето на физичките лица во домашна валута и на подолг рок, што им остава простор на банките за активна кредитна поддршка на приватниот сектор.

Советот на НБРМ ги усвои и Одлуките за издавање на кованите пари за колекционерски цели „Александар’’, „Ана’’, „Димитар’’ и „Елена’’ и Одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели „Александар’’ и „Ана’’ од серијата „Ден на Ангел’’. Овие ковани пари се со апоен од 100 денари, изработени во 5000 парчиња.