Македонија
20. July 2017 - 16:13

Се зголемува ли дипломатскиот притисок врз Грција- Ји и Могерини во Атина

Земјите од Западен Балкан и целата Европа треба да имаат право да го изберат својот пат во безбедносната сфера и нивната иднина, без вето од трета земја. И сметам дека еден од успесите на НАТО и ЕУ, како и на земјите од Западен Балкан е во фактот што успеаа да си го изберат сопствениот пат. Ова е пораката која денес во Атина се очекува да ја пренесе американскиот заменик -помошник државен секретар за Европа и Евроазија Хојт Ји, кој според грчките медиуми престојува во Грција. Оваа порака тој ја пренесува во интервју за Гласот на америка на албански јазик, во средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Грчките медиуми јавуваат дека тој ќе оствари средба со лидерот на опозициската Неа демократија, а се шпекулира и за средба со шефот на грчката дипломатија.

Никос Коѕиас пак, утре ќе ја прими високата претставничка за надворешна политика на ЕУ која доаѓа во еднодневна посета на Атина. Федерика Могерини освен со министерот за надворешни работи ќе оствари средби и со грчкиот претседател, грчкиот премиер, со министерот за одбрана, а ќе има и свое обраќање во парламентот на тема „Заедничката надворешна политика и политиката на безбедност на ЕУ“ пред комисијата за европски прашања и комисијата за надворешна политика и безбедност.

Шефот на делегацијата на Европската комисија во Грција, за посетата на Могерини на Атина,рече дека е од големо значење.

„Има особена симболика и големо значење посетата на високиот претставник и потпретседател на ЕУ, Федерика Могерини на нашата земја, во една толку чувствителна географска област. Ја нагласува позицијата на европската унија која Грција ја поддржува за прашањата поврзани со надворешната политика и меѓународната безбедност и соработка.“ – рече Панос Карвунис во пресрет на посетата на Могерини.

Засилената дипломатска активност на САД и ЕУ врз целиот западен Балкан, а особено во Македонија и Грција е пред состанокот со потпретседатрелот Мајкл Пенс во Подгорица, каде ко-домаќин ќе биде премиерот Зоран Заев. Овој притисок и врз Македонија но и врз Грција е за наше членство како во НАТО, така и во ЕУ. Тоа го потврдува и самиот Хојт Ји во интервјуто за Гласот на Америка на албански јазик, каде зборува за руското влијание и пропаганда во Западен Балкан, но и активностите на САД.

По изборот на Трамп за претседател, САД активно се инволвирани во случувањатѕа на Западен Балкан. Тоа е поддршката за членството на Црна Гора во НАТО, средбата Пенс Вучиќ, ангажманот на САД во Албанија и Македонија како и во Косово, каде имаме активна улога помагајќи им на овие земји побрзо да се доближат до свооите цели, вели Ји во интервјуто за Гласот на Америка на албански јазик.