Македонија
21. October 2017 - 21:20

Се уште нема поднесени тужби од партиите до Управниот суд

До 21 часот нема поднесено тужби од партиите против одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) за приговорите за првиот круг од локалните избори што се одржаа во неделата, потврдија за МИА од Управниот суд. 

- Во моментов пристигнато е барање за заштита за слободи и права загарантирани со Устав. Поднесено е од ТМРО. Во однос на решенијата на ДИК сеуште немаме добиено тужба. Последниот рок за поднесување тужба против решенијата на ДИК до Упарвен суд е утре до 11 часот, изјави Снежана Кипровска, виш судски соработник во Управниот суд.

Управниот суд вечерва ја отфрли тужбата од Ѓорѓи Шарковски против, како што стои во поднесениот документ, „државната администрација во Кривогаштани“ заради оневозможување на собирање потписи за градоначалник и членови на совет во Општина Кривогаштани. Решнието го донесе Управениот суд во совет составен од тројца судии на нејавна седница на советот, кое во целост ќе биде објавено најдоцна утре.

За тужбите по решенијата за приговорите за првиот круг од локалните избори од партиите треба да се одлучува во рок од 48 часа по поднесувањето. Ќе одлучуваат пет судечки совети составени од по петмина судии од Управниот суд избрани по пат на жрепка. Тужбите електронски ќе им се распоредуваат на судиите, а одлучувањето ќе биде на јавни седници, велат од Управниот суд. 

ДИК ги одби сите поднесени приговори за првиот круг од локалните избори. Најмногу приговори поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а приговори имаа и Алијанса за Албанците, ТМРО и Левица.