Бизнис
25. May 2017 - 13:08

Се ревитализира дистрибутивната мрежа на топлинска енергија, измени на сообраќајот кај Веро Џамбо

Балкан енерџи груп утре продолжува со ревитализација на главниот топловод на потегот позади Народната банка на Република Македонија до трговскиот центар Веро - Џамбо во општина Центар, поради што ќе биде изменет сообраќајот на булеварот „Кузман Јосифовски - Питу“, соопштија денеска од БЕГ.

- Согласно оперативниот план за реализација на оваа инвестиција, почнувајќи од утре (петок 26 мај 2017) попладне ќе започнат градежни активности преку булеварот „Кузман Јосифовски - Питу“, поради што сообраќајот на оваа собраќајница ќе биде под изменет режим. Секторот за сообраќај на Град Скопје има издадено соодветна дозвола за овој зафат, којшто ќе заврши во најкраток можен рок, велат од БЕГ.

Оттаму информираат дека работите на овој дел од топловодот биле одложени во период од седум дена заради потребата да се извршат дополнителни подготвителни работи на теренот, предизвикани од околности кои не можеле да се предвидат.

- Реализацијата на оваа инвестиција е од огромно значање за потрошувачите на општините Центар и Карпош, особено корисниците од населбите: Центар, Капиштец, Козле, Водно и Карпош, бидејќи со модернизација на мрежата ќе добијат уште посигурна и навремена испорака на топлинска енергија. Таа е дел од инвестициската програма на Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи за 2017 во чии рамки се предвидени низа активности за модернизација и ревитализација на дистрибутивната мрежа во Скопје. Истовремено преку овие инвестиции се зголемува енергетската ефикасност на дистрибутивниот систем за топлинска енергија, што е значајно и за подобрување на квалитетот на животната средина во Скопје, велат од компанијата.