Македонија
3. April 2017 - 9:41

Се работи со полна пареа: Во Македонија интензивно се градат автопати

Во Македонија забрзано се градат новите автопатски делници. Временските услови се поволни за поинтензивна изведба на планираните инвестициски зафати, оперативата е на терен, ангажирани се голем број работници, пишува Лидер.

„Годинава ќе го завршиме новиот автопат Демир Капија – Смоквица. Автопатите од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид очекуваме да се завршат во 2018 година. Во тек е реконструкцијата на автопатите од Смоквица до Гевгелија и од Куманово до Миладиновци и ќе бидат завршени оваа година, а делницата од Неготино до Демир Капија која што почна да се реконструира минатата година ќе биде готова во 2018 година“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Капиталните инвестиции во петте делници тежат над 800 милиони евра.

„Капиталните инвестиции се тие кои обезбедуваат стабилност и се потенцијал кој ја движи економијата напред. Инвестициите во изградба на нови патишта не запираат. Активно тече градбата на новиот автопат Скопје-Штип. Инвестиција е проценета на 206 милиони евра. Целосно е пробиена новата траса, а асфалтирани се околу 30 километри од вкупно педесетина. Вкупниот прогрес на градежните работи изнесува околу 60 проценти, а оваа капитална инвестиција обезбедува работа, сигурна егзистенција на 800 работници во овој момент“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Милиони евра во нова инфраструктура

Годинава ќе се градат или реконструираат над 200 километри автопатска мрежа.

Целосно ќе заврши изградбата на новата автопатска траса од Демир Капија до Смоквица во должина од 28,2 километра, што се финансира со пари од ЕБОР, ЕИБ, ИПА и од државниот буџет.

Се работи за исклучително важен проект за земјава, бидејќи Македонија ќе обезбеди целосно автопатско решение на Коридорот 10, одсносно од Табановце до Гевгелија. Ова е дел од паневропскиот коридор што ги поврзува земјите од Австрија до Грција во должина од над 1.450 километри.

Новиот автопат е комплексен проект. Се градеа тунели (најголемиот е со должина од 660 метри), мостови, потпорни ѕидови, потпатници, натпатници, клучки.
Паралелно, се изведуваат и градежни работи на двата нови автопати кои се финансираат со кинески пари. Автопатот кон Охрид е во должина од 57 километри и со вредност од 374 милиони евра. Вториот е од Миладиновци до Штип со должина од 47 километри, вреден 206 милиони евра.

Годинава е предвидена и реконструкција на автопатот од Велес до Градско во должина од 20 километри, како и од Скопје до Куманово во должина од 22 километра.

„Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е веќе обезбедена финансиска конструкција, што влева сигурност“ – вели првиот човек на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Роберт Хот.

Капиталните вложувања во патната инфраструктура на краток рок значат раздвижување на градежништвото и на стопанските гранки поврзани со него, а долгорочно ќе обезбедат подобра поврзаност на земјава и зголемена конкурентност на македонската економија.

„Издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

 Се проектираат нови автопати            

Во Македонија се проектираат нови автопати. Се работи за делниците од Гостивар до Кичево и од Скопје до Блаце, а вкупно се предвидени три нови автопати.

Гостивар – Кичево е во должина од 42 километри. Проценетата вредност на проектот изнесува 350 милиони евра. Во план е делницата да биде готова до 2020 година.

Вториот автопат е од Скопје до Блаце во должина од 13 километри. Овој автопат е со проценета вредност од 70 милиони евра, а рокот е повторно 2020 година.

Третиот автопат е од Требеништа до Струга во должина од 8,5 километри. Неговата проценета вредност е 45 милиони евра и треба да се финансира со пари од ЕБОР.

Капитални вложувања во експресни патишта

Големите капитални вложувања во патната инфраструктура продолжуваат со изградба на нови експренсни патишта, кои заедно со автопатите значително ќе ја подобрат поврзаноста на земјава.

Наскоро почнува изградбата на три нови експресни делници во должина од над 100 километри. Вкупната инвестиција изнесува 250 милиони евра.

Се работи за нови експресни патишта од Штип до Кочани, од Штип до Радовиш и од Ранковце до Крива Паланка.

„Веќе е во тек изградбата на првата фаза од експресниот пат од Градско до Прилеп, годинава ќе се почне и со втората фаза од Градско до Дреново, а за третата фаза од Тројанци до Прилеп ќе распишеме тендер за градба. Ќе распишеме и тендер за проектирање за изградба на експресниот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија“ – вели Мисајловски.

Во делот на регионалната мрежа е предвидено да се почне со изградба и реконструкција на вкупно 37 патишта, инвестиција од над 55 милиони евра.

„Годинава за одржување на патната инфраструктура се планирани милијарда и шеесет милиони денари. Се планира рехабилитација на најоштетените делници, односно на возните ленти на патиштата Петровец – Миладиновци, дел од клучка Петровец, дел од патот Петровец – Хиподром, Сарај – Групчин и Богородица – Гевгелија“ – вели директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов.