Македонија
21. January 2018 - 16:34

Се повеќе случаи на злупотреба преку социјалните медиуми

Социјалните мрежи се почесто стануваат предмет на злоупотреба.  Пораки со навредлива и заканувачка содржина, злоупотреба на лични податоци, прикажување на порнографски материјал, ова се само дел од случаите кои мината година биле пријавени во СВР  Струмица. 

Од таму велат дека лани до секторот  кој го покрива подрачјето на десетте општини од југoистокот како резултат на злоупотреба на социјалните мрежи биле пријавени околу дваесетина настани, наспроти пет за истиот период од претходната година, но потенцираат дека тоа не е релната слика бидејќи  праксата покала дека темната бројка секогаш е многу поголема од официјалната статистика, но најчесто поради различни причини оштетените не ги пријавуваат.

- Во текот на 2017 наспроти 2016 година заклучно со месец ноември во секторот за внатрешни работи во Струмица евидентирани се шест наспроти две поплаки кои се однесуваат на праќање пораки со навредлива содржина како и пораки со заканувачка содржина преку социјалната мрежа фејзбук.  Шест наспроти едно известување до основното јавно обвинителство во Струмица за пријавување кривично дело по службена должност злоупотреба на лични податоци и две наспроти три известувања за пријавено кривично дело по службена должност прикажување на порнографски материјали на малолетник.,, вели Хризантема Рендевска – портпарол на СВР Струмица

До полицијата во Струмица лани биле пријавени и три кривични дела загрозување на сигурноста.

-  Две кривични дела се реализирани, а едно кривично дело е отстапено на друга полициска станица за постапување.,, додава Рендевска

Со цел граѓаните да бидат информирани и заштитена од ваквите злоупотреби од СВР Струмица информираат дека преку отсекот за превенција  интензивно работат на едукативни предавања насловени „Превенција од злоупотреба на социјалните мрежи и сајбер криминалот“ . Покрај ваквите предавања полицијата апелира до граѓаните за објавување што помалку фотографии и лични податоци на интернет и да бидат попретпазливи во комуникацијата бидејќи неможат секогаш да знаат кој седи од другата страна.