Македонија
14. July 2016 - 14:23

Се подобруваат условите на македонските пасишта

По лани реконструираните 85 километри асфалтни патишта кои водат до пасиштата и пробиените нови, годинава е предвидено да се обноват уште 44 километри, да се направат 10 мини акумулациски езера и да се заокружат активностите за поставување фотоволтаици.

Како што истакнаа денеска директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со пасиштата на Република Македонија Љуљзим Фејзулаи и претседателот на Регионалното здружение на одгледувачи на овци од Западна Македонија Меџит Амити, се зголемува и интересот за овчарење. Сепак, во пасишната инфраструктура треба уште многу да се инвестира. Имаме капацитет за два милиона овци, но површините ги напасуваат само 500.000 до 600.000.

Фејзулаи на прес-конференција по повод претстојните 11. Овчарски денови „Маврово - Ростуше 2016“, најави дека ќе се изготвува и регистар за прецизно утврдување на површините под пасишта.

- Засега сметаме дека Македонија располага со околу 650.000 хектари пасишта. Велам околу, зашто дел од површините регистрирани во катастарот како пасишта се всушност узурпирани и се користат како рудници или се шуми, нагласи директорот.

За напасување овци, годишно на државните пасишта се наплаќаат по 50 денари од грло, додека за крупен добиток по 250 денари. Според проценките, еден хектар е доволен за напасување четири овци (од ситниот добиток) или за една крава (од крупниот добиток).

- Наше е да инвестираме, да создадеме услови, пат, вода, струја, кои ќе ги привлечат младите да се вратат во село, некои од нив и да бидат овчари, наместо да седат по кафеаните. Имаме висококвалитетни производи, пласманот на јагнето и сирењето е гарантиран, подвлече Фејзулаи чија оценка е дека за унапредување на сточарство, поактивни треба да бидат и фармерите, да се здружат и заеднички да настапат во реализирањето на потребите.

Според Амити, не ретко, пасиште за 4.000 овци се користи за само 150 до 200 овци. Во некои региони, пак, сирењето до продажните места се уште се носи со коњи. 

- Годинава нема проблем со овчарите. Интересот за оваа работа е се поголем. Многу од нив се враќаат од Италија, зашто платата е 300 до 500 евра, а обезбезбедени им се и други услови, посочи Амити, додавајќи дека со одгледување 150 овци, солидно може да живее едно семејство. 

Овчарските денови традиционално ги организира Регионалното здружение на одгледувачи на овци од Западна Македонија, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За оваа намена годинава се обезбедени 300.000 денари.

Манифестацијата ќе се одржи викендов во ски-центарот Маврово. Неофицијално ќе почне во петок попладне, со дегустација на бели овчи сирења, а победниците ќе бидат прогласени следниот ден, во сабота, за кога е предвидена официјалната програма. Избор на најдобар овен, изложба на шарпланинци, натпревари во стрижење и молзење овци, се само дел од содржините на Овачрските денови „Маврово - Ростуше 2016“.  

Организаторите, како што најавија, ќе подготват и т.н. овчарска закуска за 200 лица.