Македонија
24. February 2018 - 16:14

Се отстранија буквите од името на аеродромот ,,Александар Велики‘‘, преименуван во ,,Скопје‘‘

Александар Велики денеска официјално замина  во историјата од скопскиот аеродром. Со помош на кран од утрово се отстрануваа буквите од досегашното име. Ќе се вадат и таблите на англиски од страната на аеродромската писта. Овие активности ги презема концесионерот на аеродромот.

- Почнавме да ја имплементираме Одлуката на Владата. Знакот со името на терминалната зграда се отстранува, додека процеси за промена на името исто така, согласно инструкциите на Владата, се спроведуваат, и за сите предмети и содржини на аеродромот.

Новите табли што ќе бидат поставени го носат името МЕЃУНАРОДЕН АЕРОДРОМ СКОПЈЕ. Согласно договорот Заев - Ципрас во Давос и автопатот се преименува во пријателство. Грција пак се обврзува да го поддржи членството на Македонија во Јадранско – Јонската спогодба, што грчкото МНР веќе објави да ја отвори втората фаза од договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и да го изгради и пушти во употреба граничниот премин „ Маркова Нога“ во Преспа.

Долж целиот коридор 10  од граничниот премин Табановце до г.п Богородица, веќе се отстранети  19 сообраќајни табли кои го носеа името Автопат Александар Македонски. Како што најавија од ЈП за државни патишта , набавката на новите табли „Пријателство“  ќе ги чини 4.940.000 денари. Ќе се менуваат и таблите какви што ги има во централното градско подрачје кои инфомираат каде се наоѓа аеродормот.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ќе биде меѓу првите официјални гости кои ќе слетаат на новоименуваниот аеродром. Преку грчките медиуми Коѕијас денеска најави дека неговото доаѓање во Скопје  најверојатно ќе се случи во март.

-  Размислувавме дека можеби би било добро, на некој начин, да направиме еден мал, симболичен настан за да го потенцираме фактот дека се менува текот на работите. Наместо да имаме ескалација на националистички „напади“ со симболи против Грција, имаме ограничување и отстранување на иредентистичките симболи што го преплавија Скопје.

Нацрт спогодбата што ја подготви гркото МНР е доставена до владата во Атина, од каде прво ќе биде испратена во Македонија а  потоа шефот на грчката дипломатија ќе допатува во Скопје.