Македонија
24. February 2018 - 8:56

Се лоцира одговорноста за случајот со штитеничката од „25 Мај“

Со поднесување кривична пријава за 11 одговорни и стручни лица од Центарот за социјална работа - Скопје за кривично дело „несовесно работење во служба“ и „запуштање на малолетно лице“ и со оставката на директорот на Домот „25 Мај“, полека почнува да се лоцира одговорноста за случајот со 13-годишната штитеничка од овoј дом.

Оваа пријава, посочуваат од Министерство за труд и социјална политика, ќе биде покрената против сите лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 - 2017 година.

Од страна на инспекторите, како што велат од Министерството, се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита.

Заев во Собрание

Премиерот Зоран Заев на последната седница за пратенички прашања рече дека е поддржувач на максимална казна за ваквите појави, затоа што само така ќе се испрати пораката никогаш да не се повтори.

- Јас сум еден од поддржувачите на максимално казнување, заради тоа што само преку максимални казни ќе ја испратиме пораката тоа да не се повтори никогаш повеќе, рече Заев.

Мила Царовска

Министерката за труд и социјална политика  Мила Царовска вели дека јасна е потребата од деинституционализација и трансформација на големите институции кои што згрижуваат деца без родители, деца со воспитно-социјални проблеми и деца со попреченост во нивниот развој.

- Како МТСП сме во интензивна изработка на трансформациски планови за излегување на децата од тие институции и сместување во мали куќни домови. Затоа што се работи за мала бројка од 40 деца кои многу брзо ќе бидат надвор од тие институции и ќе добијат соодветна грижа, рече Царовска на собраниската седница за пратенички прашања.

Васка Бајрамовска-Мустафа

Според заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа, одговорноста за негрижата за децата кои се проблематични и се „згрижени“ во институции ја имаат сите.

- За тоа дека девојчето е во постојано бегство се знаело од денот кога таа е донесена во установата во декември 2016 година. Установата пријавувала, го известила старателот – Центарот за социјална работа дека има штитеник кој е во постојано бегство. И тогаш тука затаила контролата и исполнувањето на улогата – посветеноста – да се седне, тимски да се работи со детето и да се реши проблемот“, вели Бајрамовска-Мустафа во интервју за МИА.

Народниот правобранител, како што додава таа, во континуитет од 2015 година укажува на слабостите и на неефикасноста на јавните установи дека не ја постигнуваат целта на превоспитно делување кон децата.

- Укажуваме дека децата наместо да се превоспитаат и да им се промени нарушеното поведение кон подобро, тие само ја менуваат установата..., вели Бајрамовска – Мустафа.

Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) го обелодени случајот со 13-годишното девојче, кое минатата недела било подложено на абортус, а забременило по сексуално злоставување како штитеничка на Домот за деца „25 Мај“.