Бизнис
4. December 2015 - 11:58

Се избираат најдобрите идеи од проектот Моја идеја! Мој Бизнис!

Започна процесот на евалуација на најдобрите од 40те идеи пријавени на програмата Моја Идеја! Мој Бизнис!. Оваа програма се спроведува од CEED Македонија, а е финансирана од Филип Морис ТКП и има за цел да се стимулираат идеи за претприемништвото кај младите во Пелагонискиот регион.

„Со процесот на евалуација треба да се одберат најдобрите пет идеи кои ќе добијат неповратен грант од 2000 американски долари. Овој проект покажа дека интерес за започнување на свој бизнис или развој на своја идеја кај младите има. Постои и желбата за едукација за тоа како да се спроведе планот од хартија во реалност. Идејата за овој проект е да се развие целосен систем за поддршка на ваков тип на проекти со реално поставување на бизнисите и нивно самоодржување во иднина. За нас, Филип Морис ТКП, од исклучителна важност е поддршка на проекти за младите“, изјави Анита Блажевска, менаџер за корпоративни работи во Филип Морис ТКП.

Учесниците во проектот Моја Идеја! Мој Бизнис!, кои се меѓу избраните 40 идеи од над 70 пријавени, учествуваат во практични обуки што вклучуваат техники за поттикнување на претприемачките вештини и знаења, развивање и изготвување на бизнис план, нудат можност за аплицирање за еднократен мал грант за започнување или доразвивање на сопствен бизнис.

„Низ програмата составена од пет модули, повеќе од 40 учесници имаа можност да добијат бизнис советувања и менторски сесии, и истовремено имаа можност да научат повеќе за специфичните работни функции и позиции. Покрај започнатиот процес на евалуација во моментов се одвива и пријавувањето на студенти за најдобра бизнис студија. И овде петте најдобри проекти ќе бидат наградени со по 500 американски долари, кои ќе треба да ги искористат за започнување на бизнис или за трошоци за едукација”, изјави Јован Маџовски, Главен извршен менаџер на CEED.

Целиот процес на евалуација завршува во февруари 2016 година. Програмата е наменета пред се за младите лица од 18 до 30 години кои се во фаза на студирање,  за невработени, за млади кои што имаат бизнис идеја која допрва треба да се развие и да се преточи во оперативен бизнис како и за млади претприемачи чиј бизнис е во почетна фаза на развој.