Македонија
20. September 2017 - 16:19

Се грижи ли државата за генијалците од Македонија

-Сакам да возам велосипед, ..сакам да јадам, ..сакам да спијам

Оваа апликација е наменета за деца со аутизам и е дело на 15 годишниот генијалец од Скопје Даријан Шекеров. Веќе ја користат над 10 000 родители, логопеди, дефектолози и педагози.

За креаторот е хуман гест а за корисниците големо олеснување и помош кога имаат дете со проблем во говорот. Даријан со Сликозбор го освои и светот. Донесе златен медал од младинскиот натпревар на кој имало илјадници учесници од стотина земји.

-Идејата е од колега на татко ми кој има дете со аутизам и го замолил да направам апликација. Ја направив  и е добро прифатена и имам голема поддршка. Бев среќен за наградата но и успех што ја претставив и земјата, вели Даријан Шекеров ученик во ПСУ International High School.

Мотивиран од Сликозбор, Даријан ја креирал и Шарена Азбука. Таа е наменета за мали деца кои преку слика и збор ќе го учат македонскиот јазик.

Но андроид апликациите се само еден дел од успешниот мозаик на талентираниот средношколец. Од ученик на генерација и први награди на државни првенства до бројни златни, сребрени и бронзени медали на европски и светски натпревари по информатика.

-од мали нозе имам интерес за компјутери а од 5 одделение одам на курсеви за програмирање и на натпревари по информатика и секоја година учествувам, вели Даријан.

Пред една недела се вратил од Бугарија со две бронзени медали. Овој период се подготвува за нови натпревари а во блиска иднина планира да создаде и некоја нова апликација. Овој генијалец не е заробеник на модерните технологии. Информатиката е негов предизвик, но вели има време и за другарите.

-Имам време и за социјален живот и за работење, вели Даријан.

Да се има талентирано дете значи целосна поддршка и од семејството. Таткото на Даријан вели дека има многу жртвување но и солзи радосници кога синот е награден за трудот.

-Од една страна напорно од друга гордост. Се трудиме да вложиме труд, време и финансии и сето тоа за сега успехот се исплатува, вели Тони Шекеров, татко на Даријан.

Тони вели дека талентот на неговиот син го препознале сите, но има недоволна поддршка од државните институции.

-Кај нас не е како во светот каде талентите се гајат и во нив вложува државата. Ако не се вложи од нивна страна, тогаш, децата ни одат во странство, вели Тони Шекеров.

Даријан и покрај успехот е скромно дете. Не се гледа како генијалец бидејќи тоа било претерување. Вели бил само талентиран ученик кој е прва година во приватно средно училиште. За десетина години сака да биде успешен програмер во голема ИТ компанија. А дали ќе биде во земјата или надвор од границите, ќе покаже времето.