Македонија
14. February 2018 - 22:16

Се даваат изјави, останаа многу прашања: Зошто 50 лица планинареа на невреме и како се одвоија од групата Калина и Александар?

Федерацијата на планинарски спортови собира писмени изјави од учесниците во турата во која загинаа двајцата планинари Калина Велевска и Александар Миновски.

Според првичните информации своја изјава дал и водачот на групата од планинарското друштво Трансферзалец, Зоран Костадинов но се уште не е пристигната информација од друштвото.

-Во изјавите на останатите учесници се потврдувале информациите, кои веќе се објавија во медиумите, дека Калина и Александар и покрај лошото време се одвоиле од групата и одлучиле самоиницијативно да се качат до врвот и покрај лошите временски услови.

Но останува дилемата зошто воопшто групата од 50-тина планинари, меѓу кои и лошо опремени за вакви тури, воопшто тргнала во планина. Се отвора и прашањето дали навремено реагирале спасувачките служби и кога биле активирани. Од македонското обвинителство велат дека на расветлување на целиот настан работат надлежни институции во соседна Грција, од каде и започнало искачувањето, анализира телевизијата.

„Истовремено, активности се преземаат и од страна на Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на факти за случената трагедија во која животот го загубија две лица. Постои коориднација и соработка со иста цел, да се расветли несреќата и да се утврдат фактите за нејзиното случување.  Јавното обвинителство ја чека документацијата и извештаите кои треба да пристигнат од Република Грција. По нивно разгледување и анализа ќе може да се утврди дали има елементи на сторено кривично дело и евентуално да се бара кривичната одговорност“, велат од ОЈО.

Според дел од грчките медиуми двајцата планинари починале од премрзнатост. Немало знаци од повреди, од пад во бездна, како што првично беше објавено. Инаку денеска телата на двајцата млади се донесени кај нивните семејства во земјава, откако заврши обдукцијата во Грција. Нивните фамилии вчера испратија писмо во кое бараа низа одговори.

-Од која причина турата тргнала кога од грчката страна дале предупредување да не се качуваат бидејќи условите биле екстремно лоши, колку пари се земаат од секој учесник во турата и зошто не се одложила? Од која причина, кога се дознало дека двајцата млади планинари ги нема, во 14,30 часот, кога се известени грчките власти, ниту тогаш, ниту во текот на целиот ден, ниту следниот ден никој од организацијата на турата не ги известил родителите, ниту блиските на? Дали воопшто некој од ова катастрофално друштво имал лиценца за водење на тури во зимски и екстремни услови?, прашуваат роднините на загинатите.

Од Федерацијата на планинарски спортови веќе закажаа состанок за в петок, по кој се очекува да излезат со официјална изјава во јавност.