Македонија
17. August 2017 - 14:46

Се чистат дивите депонии во општина Кисела Вода

Во општина Кисела Вода денеска почна акција за чистење диви депонии, која ќе се одвива наредните неколку дена. 

Како што информира општина Кисела Вода, се чисти депонијата на улицата „Герника“, на последната автобуска постојка со број 41 во Драчево. - И покрај сите апели од општината, и покрај засилените инспекциски контроли од оваа локација на секоја акција за чистење се собираат повеќе од 10 тони смет и градежен шут, се вели во соопштението од општина Кисела Вода.

Смет се отстранува и при редовното чистење на каналот на Мала Рада во селото Драчево, но и на повеќе микро локации низ целата општина кои се веќе дефинирани како црни точки.

Општина Кисела Вода информира дека ќе продолжат активностите за расчистување на теренот и апелираат за совесно однесување и за почитување на законските одредби, кои за вакви дела предвидуваат казни во висина од 50 евра за физички лица и 2.000 евра за правни лица. 

- Ги охрабруваме граѓаните кои ќе детектираат и директно ќе посведочат на несовесно однесување на одредени граѓани кои незаконски го одложуваат отпадот на јавна површина, веднаш да ги пријават во Комуналната инспекција при општина Кисела Вода, се вели во соопштението од општина Кисела Вода.